Зад успехот на „Дамски гамбит“ стои Гари Каспаров

643

Успехот на телевизиската серија „Дамски гамбит“ на „Нетфликс“ ги изненади и оние кои учествуваа во нејзиното создавање. Поранешниот светски шампион во шах, Гари Каспаров, е заслужен за автентичноста, како консултант во серијата, пренесуваат светски медиуми.

Сместена во 1960-ите, „Дамски гамбит“ ја следи приказната на измислениот лик Бет Хармон, чудо од дете кое станува голема ѕвезда во шаховскиот свет, во кој доминираат мажи. Таа е една од причините што светскиот интерес за оваа игра е можеби поголем од времето кога Боби Фишер го победи Борис Спаски во 1972 година.

– Мислам дека шахот е во голем подем, како во САД, така и во остатокот од светот. Серијата заврши одлична работа во неговото промовирање и очекувам нов бум, зашто ќе помогне да се промени имиџот на шахот, кој досега се поврзуваше главно за бубалици и чудаци. Во серијата гледаме дека шахот ѝ помага на Бет Хармон да ги надмине своите зависности и слабости и ја крева до нови височини. Затоа верувам дека серијата ќе охрабри многу родители да ги насочат своите деца кон шахот, особено девојчињата – вели Каспаров во интервју за Си-ен-ен.

Според портпаролот на Меѓународната шаховска федерација, во првите десет дена од излегувањето на серијата побарувачката по шаховски комплети на „Ибеј“ пораснала за 273 отсто, додека бројот на нови играчи на онлајн шах петкратно се зголемил во споредба со лани, за што придонесе и актуелната пандемија. Волтер Тевис ја напишал книгата „Дамски гамбит“ во 1983, една година пред да почине, а како инспирација му послужила токму легендарната победа на Фишер над Спаски во Рејкјавик и ликот на Хармон има доста сличности со него.