Заврши ли ерата на холивудските блокбастери?

203
Гал Гадот во „Вондер воман 1984“

Повеќето од планираните филмови-блокбастери за годинава со буџет над 133 милиони американски долари останаа во мирување. Премиерата на новиот филм од серијалот за тајниот агент Џејмс Бонд, „Нема време да умирање“, беше одложена двапати. Претставата на Дизни „Мулан“ беше објавена на платформата за стриминг на студиото додека за „Топ Ган: Маверик“ сè уште не се знае ништо, пренесува Би-би-си.

Дури и филмовите на Марвел како што е „Црната вдовица“ кои можеа да бидат хитови на изминатата летна сезона се одложени на неодредено време, затоа што студијата чекаат да се вратат во нормала.

Покрај тоа што филмските херои во моментов не можат да го спасат светот, тие би можеле да го спасат искуството на гледање филм на големото платно, вели Фин Халиган главниот филмски критичар на „Скрин Интернешнл“.

– Тоа е како сите да чекаме кој прв ќе почне – вели Халиган за ќорсокакот меѓу филмските студија и кината.

Мало придвижување се случи неодамна со веста дека на Божиќ годинава „Вондер воман 1984“ ќе се појави истовремено во американските кина и на Интернет.

Овој филм во режија на Пати Џенкинс, каде што Гал Гадот ја игра главната улога на суперхерој кој се враќа во осумдесеттите, чини околу 200 милиони долари.

Првично беше планирано филмот да се појави во кината во јуни, по што досега неговата премиера беше одложена двапати.

– Студијата не сакаа да жртвуваат ниту еден филм потенцијално вреден милијарда долари за време на пандемијата. Според нив тие премногу чинат – објаснува Халиган.

Но, колку подолго киносалите останат затворени, толку потешко ќе биде да се носат одлуки.

Според „Холивуд репортер“, филмот „Нема време да умирање“ го чини фимското студио „Ем-џи-ем“ милион долари на сметка на каматата, секој месец. Тие пари, кои се позајмени за да се снима филмот, не можат да се вратат се додека филмот за агентот „007“ не се најде на големото платно.

Минатата година, девет филма заработиле повеќе од милијарда долари на глобално ниво меѓу кои се „Кралот лав“, „Џокер“, „Одмаздници: Крај на играта“ и „Капетан Марвел“.

Ако се вратиме назад неколку месеци, „Тенет“ на Кристофер Нолан летоска беше единствениот од големобуџетните филмови (во снимањето беа вложени 205 милиони долари) што беше промовиран во киносалите, заработувајќи околу 350 милиони долари.

– Заработката на „Тенет“ ги исплаши сите, иако мислам дека не помина лошо во овие околности. Студиата сè уште се надеваат дека ќе можат да ги постигнат тие бројки, но пресвртницата не е иднината на блокбастерите, туку во опстанокот на самите кина. Ќе се чувствува ли публиката доволно безбедна да се врати во киносалите и да го гледа новиот филм на Марвел или ќе чека за да го гледа онлајн на платформата „Дизни +“? И колку долго киносалите можат воопшто да опстанат во оваа ситуација – вели Халиган.

Азија веќе ја покажува насоката за закрепнување на кино-проекциите. „Вондер воман 1984“ ќе ја има својата кино премиера во Кина една недела пред филмот да се појави во САД.

Досега, Холивуд одбиваше да ги прикаже најголемите филмови пред публиката во Азија, Австралија и на Нов Зеланд , каде што многу кина повторно се отворени, делумно поради страв од пиратерија.

Сега Кина стои зад најголемите блокбастери годинава, со епскиот воен филм на Хуа Гуан „Осумстотини“. Филмот за група кинески војници под опсада на јапонската армија, во киносалите заработи 468 милиони долари.

– 2020 година е година кога Кина, а не САД, стана најголемиот филмски пазар во светот. Оваа година приходот надмина 1,9 милијарди долари. И без холивудски филмови, домашните кинески филмови имаа поголема шанса во киносалите –  вели азискиот филмски критичар Стиви Вонг, наведувајќи ги успесите на кинеската драма „Мојот народ, мојата татковина“ и јапонскиот анимиран филм „Демонски убиец: Кимецу Но Јаиба“.

„Осумстотини“ заработи скоро половина милијарда долари, иако тоа не може да се спореди со кино-заработката од 2019 година, според Вонг.

– Но, доаѓаат повеќе домашни блокбастери, како што се „Шок бранови 2 “од Енди Лау или „Фатени во времето“ од Даниел Ву, што би требало уште еднаш да ја привлече публиката – објаснува филмскиот критичар.

Филмскиот сообраќај меѓу САД и Азија традиционално се одвива во еден правец, во корист на Холивуд. Сепак, филмот со Џеки Чен „Вангард“, забележа еден од најголемите успеси во Северна Америка, на кој било кој азиски филм. Овој раскошен акционен филм, снимен во пет држави, вклучувајќи ги Велика Британија, Индија и Кина, беше пуштен во 1.500 кина, заменувајќи го одложениот филм за Џејмс Бонд „Нема време да умрање“.

– Ние го купивме филмот пред само осум недели – објаснува Нолан Галагер, извршен директор на „Гравитас Венчес”.

Галагер верува дека онаму каде што кината се отворени, публиката е желна да гледа акција на големото платно.

– Постои деловен потенцијал за блокбастери. И повторно, тоа е само дел од она што беше пред пандемијата, но сè уште има промет од проекциите во киносалите. Луѓето бараат забава за време на Денот на благодарноста, особено сакаат ако е со талент за акција и патување низ целата планета – заклучува Галагер.