Заврши Вевчанскиот карневал

162
Фото: Сашо Бетоски

Со традиционалното василичарско оро и палење на маските на двете друштва Горна и Долна маала во центарот на Вевчани, попладнево заврши годинашниот Вевчански карневал.

Со палењето на маските вевчанци веруваат дека го избркале злото и оти ќе имаат среќна и бериќетна година. Уште од утре тие ќе почнат да планираат во што ќе се маскираат следната година. Инспирирани од актуелните случувања во државата и светот на сатиричен начин ги исмеваат, но и упатуваат силни пораки кон политичарите и општеството. 

Маските се поделени на традиционални, кои постојат од почетоците на карневалот: зетот, невестата, ѓаволите и глупавите августи и актуелни.

Вевчани два дена наликуваше на отворена театарска сцена, каде дефилираат голем број маскирани вевчанци, но и туристи од земјава и странство. Карактеристично за манифестацијата е што никој никому не се лути, бидејќи тоа се денови на мајтап во Вевчани.

Се претпоставува дека Вевчанскиот карневал постои повеќе од 15 века и со него се одбележува христијанскиот празник свети Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијанскиот календар.