Заборавивме ли да се смееме?

202

Обременети сме со политика, која навлезе во сите пори на нашето живеење, на телевизија во ударни термини има само политички дебати, а тоа не го храни, туку го разорува духот. Здравата нација го негува, а не се труди да го загуби чувството за хумор, вели социологот Илија Ацевски

Иако денеска е 1 Април, светски ден на шегата, околу нас има сѐ помалку насмеани лица, а сѐ повеќе загрижени ликови на мажи и жени, кои мака мачат како да врзат крај со крај и да ги издржат предизвиците на неизвесното секојдневие. Каде ни загина насмевката, зошто сѐ помалку се смееме и што е причина за тоа? Дали Македонците, кои се познати по својата духовитост, сѐ повеќе ја губат оваа своја карактеристика?

Според писателот Владо Димовски, кој во своите дела често посегнува по хуморот, за да ги доближи доживувањата на своите литературни херои до читателите, успеавме да го избркаме смеењето, бидејќи го сменивме начинот на живеење, заборавајќи на малите нешта, кои се тука околу нас, во кои е скриена суштината на животот.

– Каде ни загина насмевката и зошто сѐ помалку гледаме насмеани лица?! Генерално проблемот е во луѓето. Се смени начинот на живеење, па дури и оние за кои мислиме дека имаат причина да се смеат, и тие заборавиле да се смеат божем брзаат по нешто што може да им избега. Реално, успеавме да го избркаме смеењето, глумејќи дека животот е многу сериозна работа. Заборавивме на малите нешта што се тука околу нас. Во нив се кријат изгубената насмевка и суштината на животот – вели Владо Димовски.

Според него, поарно да се смееме и на покажан прст, отколку да се муртиме на сѐ и сешто.
Неговиот постар колега, писателот Васил Мукаетов, вели дека ѝ припаѓа на втората група, на луѓето што со хумор се справуваат со секојдневните проблеми, недоразбирања и кризни моменти.

– Да, точно е, има премногу политика во нашите животи. Објективно, има историски етапи и клучни моменти во кои тоа е неизбежно, но треба да се биде и стрплив и вешт и да го направиме тоа што треба да го направиме за да има иднина не само за нас туку и за нашите деца. Сметам дека во сето тоа има злоупотреба, амбиции без подлога, а туку се губи просторот за хуморот. Итар Пејо, Цепенков се сведоштво за нашиот ведар дух и за оптимизмот со кој нашиот народ ги надминувал состојбите што не ги заслужил. Низ годините се провлекуваат тој дух и оптимизам – посочува Васил Мукаетов, кој, и покрај зрелата доба, секогаш со насмевка гледа на животот.

Тој апелира повторно да се обнови списанието за хумор и сатира „Остен“.
– Ми паѓа тешко што ние немаме интелектуална сила да го обновиме „Остен“, а имаме талентирани луѓе. Згасна и емисијата „Хихирику“ на Македонското радио, а Светската галерија на карикатури исто така е во незавидна положба. Треба да се направат напори да излегува „Остен“, тој литературен стандард да се зачува за да може таа наша особина, да се смееме и кога ни е тешко, да се одржи. Бидејќи, сигурен сум дека хуморот ќе нѐ заштити од сите удари на незрелите политичари – ни рече Мукаетов.
Социологот Илија Ацевски е на мислење дека веќе живееме во период во кој смеата е луксуз и оти ако некој се смее за нешто, некои дури коментираат „овој забегал“.

– Ни пречи кога некому му е убаво. Сѐ повеќе има луѓе разочарани од политичките состојби или поради здравствени и други причини, сѐ што го формира чувство на среќа, кои веќе не се смеат, не им е до шега. Луѓето потклекнуваат пред товарот на сериозноста, кој е толку голем, што на сѐ позитивно што носи животот тие веќе не реагираат. И навистина, ако погледнеме околу себе, сѐ посериозни муабети водиме, обременети сме со политика, која навлезе во сите пори на општественото живеење, на телевизија во ударни термини има само дебати, а тоа не го храни, туку го разорува духот. Здравата нација го негува, а не се труди да го загуби тоа чувство за хумор. Во спротивно, можеме да заглавиме во депресија, а тоа, пак, води кон пороци и болести – објаснува Ацевски.

И тој апелира да има повеќе емисии за хумор, повеќе списанија, манифестации…
– Се сеќавам со колкаво задоволство порано чекавме да излезе новиот број на списанието за хумор и сатира „Остен“. Сега, за жал, нема такви списанија, а би требало, бидејќи тоа е коректив на општеството. Сарказмот не е лоша особина, тој не навредува, туку укажува. Исто така, им препорачувам на колегите социолози повторно да се навратат на социологијата на хуморот, тоа треба да се студира и од мали нозе децата да се учат на животот да гледаат оптимистички – истакна Ацевски.

Сепак, за Добрила Ивановска-Чабриќ, 91-годишна глумица и пејачка, оптимизмот е клуч за долговечност и за љубов кон животот.

– Кога ќе се разбудам, го прегрнувам денот со позитивност, со љубов. Опкружена сум со миленичиња, драги соседи и пријатели. Хуморот и смеата мене ми се во крвта. Веројатно затоа и ме сакаат, поради ведриот дух. Тажната емоција и кај мене доаѓа. Но доаѓа и поминува, а волјата, желбата и љубовта кон животот кај мене се многу силни. Тоа чувство и луѓето околу мене прават да издржам и да пливам понатаму – со насмевка ни рече Добрила Чабриќ.

Телевизиската водителка Снеже Велков, преку емисијата „ВИП на еден ден“, им ги враќа насмевките на жените, кои од разни причини останале на маргините.
– Во ова време, кога песимизмот, омразата и дрскоста стануваат секојдневие, таму каде што другите одмавнуваат со рака и вртат глава, ние одиме со насмевка и визија дека може подобро и поинаку. Досега успеваме, обидете се и вие, гарантирам успех – тврди Снеже Велков, која не можеме ниту да ја замислиме без насмевка.
Според неа, смеењето е заразно.

– Обидете се да се насмеете гласно кога било, каде било, и ќе видите како и другите почнуваат де насмевнуваат. Тоа ни е девизата на емисијата „ВИП на еден ден“ и ќе продолжиме во таа насока – ветува Велков.


Во Македонија живеат најнесреќните луѓе на Балканот

Според последното истражување на Обединетите нации, насловено „Ворлд хепинес рипорт“ (World Happiness Report), најсреќните луѓе на светот живеат во Финска, Данска и во Норвешка. Во топ 10 се и Исланд, Холандија, Швајцарија, Шведска, Нов Зеланд, Канада и Австрија.
Во извештајот земјите се рангираат врз основа на конечниот индекс на среќа, а среќата се дефинира по повеќе категории: БДП по жител, слобода, великодушност, социјална поддршка, перцепција за корупција во владите и претпријатијата и здравје, односно пристап до медицинска нега.
Во државите од регионот, според извештајот, најсреќни се Словенците, кои се наоѓаат на 44-то место во светот. Зад нив се наоѓа Косово, кое е на 46-то место. Србија е на 70-то место, Црна Гора на 73-то, Хрватска на 75-то, Босна и Херцеговина на 78-то, а Македонија е убедливо последна и се наоѓа дури на 84-то место на ранг-листата од 156 држави.
Во поглед на БДП по жител, најдобро е рангирана Словенија, а најлошо Косово. Во пристапот до медицинска помош, најдобро е во Словенија, а најлошо во Македонија.
Најнесреќни на светот се граѓаните на Јужен Судан, Централноафриканската Република и Авганистан. На дното на листата се наоѓаат и Танзанија, Руанда, Јемен, Малави, Сирија и Боцвана.

[email protected]