Животни

74

Луѓето што имаат кучиња живеат подолго

Отсекогаш е познато дека кучето е најдобриот пријател на човекот, а таа стара изрека неодамна доби уште една потврда. Имено, според сознанијата од една научна студија од 2019 година, луѓето што имаат куче, или повеќето од нив, како домашно милениче, живеат подолго. Истражувачите анализирале податоци и од десет други научни истражувања, во кои учествувале речиси четири милиони луѓе. Тие откриле врска помеѓу поседувањето куче и намалувањето на ризикот од заболување од кардиоваскуларни болести. Дури и оние што преживеале која било од овие опасни болести имале подолг животен век доколку живееле со куче, пишува „Мај модерн мет“.

Еден од факторите поврзани со поседувањето куче и градењето посилен имунитет е поголемата физичка активност. Сопствениците на кучиња шетаат со нив почесто, барем двапати на ден (обично наутро и навечер), а понекогаш и трчаат заедно. Вториот фактор поврзан со првиот е долгото време поминато на свеж воздух. А постои и трет фактор, кој по природа е психолошки, и за него придонесува фактот дека кучињата како наши верни пријатели секогаш се на наша страна и со тоа ни го намалуваат стресот и нè прават да се чувствуваме помалку осамено и депресивно.