Естетски симболи на визуелната култура на градот

174

Денес се јавува еден тренд каде што излозите на бутиците и на продавниците не се само место за изложување на производите. Компаниите, без разлика дали се мали или големи, ги користат излозите како билборди преку кои испраќаат пораки до минувачите. Пораката може да е од глобален или од локален карактер, сеедно, но тоа додава одговорност во уредувањето, односно не бара само вештина за декоратерство, туку бара малку потемелен и фокусиран пристап. Оттука, потече и идејата за првото издание на фестивалот „Недела на излозите“, поддржан од Амбасадата на Швајцарија, кој почна вчера на отворената тераса на ресторанот „Пелистер“ на плоштадот Македонија.

Станува збор за нов фестивал за креативност, современост и уникатност доловени преку излозите, кои се естетски симболи на визуелната култура на градот. За првото издание на фестивалот, младите модни дизајнери и архитекти со преуредување неколку излози и еден пасаж, го претворија центарот на градот Скопје во модерна галерија.

Фестивалот ќе трае до 17 декември, а преуредени се излозите на книжарницата „Култура“, часовничарот „Хронометар“, Театарот за деца и младинци, книжарницата „Литература.мк“ и пасажот до неа, продавницата за чоколадо на швајцарскиот бренд „Линд“. Зад креативниот концепт и реализацијата на секој излог стои тим составен од млади архитекти и модни дизајнери, кои на свој начин пренесуваат важни пораки до минувачите и раскажуваат различни приказни.

– Овој проект започна во јануари годинава и се одвиваше во три фази: едукација преку три мастер-класови одржани од светски реномирани експерти од Лондон и Париз со огромно искуство во областа на модниот дизајн, естетско уредување на комерцијалните простори, визуелната уметност и архитектурата; работилници за градење на креативните концепти за уредување излози одржани од локални и регионални експерти; и последната фаза – реализација на креативните концепти со локални ментори професионалци со интернационално искуство во областа на архитектурата, модниот дизајн и модната теорија. Преку соработката за овој фестивал, младите архитекти и модни дизајнери ги открија вештините на естетското уредување на комерцијалните простори. Покрај едукативна, целта на овој фестивал е подигнување и сензибилизација на локалната визуелна култура, повеќе од кога било потребна на градот Скопје – велат организаторите.

Се работи за идеја да се оформи недела на излозите, слично на модна недела или недела на дизајнот, кои сега ги има во секој главен град. На оваа манифестација, преку разни активности во кои се вклучени излозите во центарот на Скопје, се презентира еден отворен фестивал, чија публика се жителите на градот. Освен идејата градот да стане вектор на креативноста и отворена галерија/излог, кој ќе ја подигне визуелната култура, целта на настанот е наедно едукативна и стимулативна за младите модни дизајнери и архитекти што се повикани да учествуваат во проектот.