„Епл“ и „Гугл“ развиваат технологија за следење контакти со ковид-19

80

„Епл“ и „Гугл“ објавија дека ги здружуваат силите за да развијат технологија за следење контакти со ковид-19. Технолошките гиганти ќе соработуваат за да овозможат употреба на блутут-технологија за да им помогнат на владите и на здравствените агенции да го намалат ширењето на вирусот, при што приватноста и безбедноста на корисниците се „клучни за дизајнот“. Службените лица во јавното здравство сметаат дека следењето на контактот со вирусот може да биде важна алатка во спречување на неговото ширење.

Решението на „Епл“ и „Гугл“ вклучува интерфејси за програмирање апликации (АПИ) и технологија на ниво на оперативен систем за да може да се откријат трагите на контакт со вирусот. Со оглед на итната потреба, планот е да се спроведе ова решение во два чекора. На почетокот на мај годинава, компаниите ќе издадат АПИ што овозможуваат интероперабилност помеѓу уредите со Андроид и и-ОС, кои користат апликации од јавните здравствени власти.

Вториот чекор превидува компаниите да работат на овозможување поширока платформа за следење контакти со ковид-19, базирана на блутут. Компаниите велат дека ова е посигурно решение од АПИ и ќе овозможи да учествуваат повеќе лица и интеракција со поширок екосистем на апликации и јавното здравство.

– Приватноста, транспарентноста и согласноста се од најголема важност во овој напор и со нетрпение очекуваме да ја изградиме оваа функционалност во консултација со заинтересираните засегнати страни – велат во „Епл“ и од „Гугл“ во заедничката изјава.