Екот од Античкиот театар го отвори небото над Македонија

364

Годинешното „Охридско лето“ кулминира со претставата „Одисеј“ на Горан Стефановски

Со маестралната изведба на театарската претстава „Одисеј“ на Горан Стефановски, во режија на Александар Поповски, и актерскиот дрим тим, во Охрид не се затвори туку, напротив, се отвори нов хоризонт на манифестацијата, која недвосмислено е стожер на македонската култура. „Охридско лето“ е битие на едно многувековно наше постоење и себеспознавање низ лавиринтите на историјата, која, за жал, ја пишуваат посилните. Публиката во охридскиот Антички театар, со речиси дваесетминутниот непрекинат аплауз, го верификува Стефановски и неговото дело како ремек-дело со вонвременска, вистинита наша стварност

Завчеравечер во Античкиот театар во Охрид, пред многубројна публика, се означи крајот на 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“ , кој, како и што се очекуваше, привлече многубројна публика во древниот град. Веќе познатата копродукциска претстава, која овој пат му беше посветена на големиот драмски писател Горан Стефановски, како впрочем и целокупната драмска програма во рамките на годинешното фестивалско издание, својата последна изведба ја имаше пред пет години. „Одисеј“ е заедничко дело на театрите „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин театар од Нови Сад и театарот „Навигатор“ од Скопје. За режисерот Александар Поповски, селектор и на драмската фестивалска програма, „да се донесе оваа претстава и да се соберат овие луѓе беше како да се состави мозаик од камчиња, слики што пред пет-шест години се растуриле по светот“.

– Желба ми беше заради Горан оваа претстава да ја играме во Охрид, и тука, на своевиден начин, тој да ја најде својата Итака. Не се надевав дека ќе успеам во тоа, но одговорот на сите уметници на кои им се обратив беше фасцинантен, сите тие откажаа и снимања и патувања за да се соберат тука и да ја одиграме оваа претстава – изјави Поповски на прес-конференцијата неколку часа пред одржувањето на претставата.
Главната улога на Одисеј му беше доверена на загрепскиот актер Озрен Грабариќ, додека брилијантниот вонсериски македонски актер Никола Ристановски ја толкуваше улогата на пејачот Тиресиј.

– „Охридско лето“ запиша уште едно успешно издание во богатата фестивалска историја“ – посочи директорката на оваа национална установа Наташа Поповиќ, која со гордост укажа на фактот дека на сцените во Охрид годинава продефилираа 500 уметници од 23 земји од светот, но и гости од земјава и од странство, кои допатуваа за да ја следат богатата програма.

Според неа, огромен бил бројот на посетители што барале резервација за свеченото отворање, што за самата установа е доказ дека „Охридско лето“ и годинава понуди квалитет што се препознава и надвор од нашите граници.
– Античкиот театар беше претесен да ја собере неколкуилјадната публика, која беше воодушевена од спектакуларниот настап на светски славната Ванеса Меј. Четириесет и седумте настани што се одржаа на неколкуте сцени, Античкиот театар, црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, Долни Сарај, Центарот за култура, беа исполнети до последното место. За дел од настаните се бараше и карта повеќе – рече Поповиќ.
Годинава на програмата на овој фестивал, кој се смета за стожер на македонската култура, најголема музичко-сценска манифестација во Република Македонија, кој е и дел од Европската асоцијација на фестивали, беа воведени и привлечни и атрактивни содржини за пошироката публика. Тука спаѓаат: „Подиумот на млади“, кој беше одржан пред официјалниот почеток на фестивалот, со кој на домашните музички таленти им беше дадена можност да ја почувствуваат фестивалската магија, рециталот како нова уметност во програмата, како и настани што се одржаа надвор од фестивалската рамка во текот на целата година. Под мотото „Звукот и бојата на езерото“, фестивалот како новина воведе и туристички водич, со што голем број уметници имаа шанса, покрај својот настап, да се запознаат и со убавините и историјата на градот. Со тоа „Охридско лето“ доби уште една можност да се потврди и како најдобар презентер на македонската култура и развојот на културниот туризам.

– На врвните и маестрални изведби на брилијантните уметници, многубројната фестивалска публика им возвраќаше со долги стоечки овации, на што уметниците се оддолжуваа со по три или четири биса – посочи селекторот на фестивалската музичка програма Васо Ристов на последниот фестивалски ден, сметајќи го завршеното 59-то фестивалско издание за „уште едно квалитетно, врвно, атрактивно, издание достојно за паметење“.

Задоволни беа и изведувачите, гости на фестивалот, кои упатија голем број пофалби до фестивалот за прекрасната организација на сите учесници за реализацијата на фестивалот, гостопримството, за топлата и внимателна публика, како и за неповторливата акустика на сценските простори, особено во црквата „Св. Софија“. Тие постојано ја искажуваа својата почестеност што се дел од ова фестивалско издание, од овој фестивал, кој се смета за еден од најзначајните европски фестивали, со голема традиција и одличен рејтинг.

– Уметниците беа воодушевени и од убавините на Охрид и изразија желба повторно да се вратат и да бидат дел од оваа манифестација – рече меѓу другото Ристов.
Фестивалот „Охридско лето“, кој селекторот на драмската програма Александар Поповски го нарекува врв на културните манифестации во земјава, идната година ќе одбележи 60 години постоење, што, според него, ќе претставува преубава можност да се започнат и уште еден нов фестивалски круг и нова приказна. По повод 60-годишниот јубилеј, како што нагласуваат од фестивалот, се очекува тој да биде збогатен со нови содржини, кои ќе ги потврдат и продолжат високите позиции што ги има оваа најголема музичко-сценска манифестација во земјава.
– Нашиот најголем бренд по кој нѐ препознаваат и по кој нѐ вреднуваат и надвор од државата – нагласи на крајот на 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“ директорката Наташа Поповиќ.