Египет се обидува да запре продажба на глава од статуа на Тутанкамон во Лондон

63

Египетските власти се обидуваат да запрат продажба на статуа од  фараонот Тутанкамон, која ќе се одржи во аукциската куќа „Кристи“ во Лондон следниот месец. Египетските власти ќе се обидат да докажат дека главата од статуата била украдена од храмот Карнак во Луксор, пренесува „Гардијан“.

Главата на фараонот, со која тој е претставен како богот Амун, се очекува да достигне вредност од повеќе од четири милиони фунти на аукцијата којае закажана на четврти јули. Во обид да се запре аукцијата, од Египет побараа аукциската куќа „Кристи“ да достават доказ дека статуата е изнесена од Египет на легален начин.

– Ќе сториме се што е во наша моќ за да ја запреме аукцијата. Пред да биде продаден Тутанкамон, треба да се провери и да се докаже како статуата го има напуштено Египет – изјави Мостафа Вазири, директор на врвниот совет за антиквитети на Египет.

Главата од статуата е голема 28 центиметри, а стара е повеќе од 3.000 години. Се верува дека статуата била изнесена од Египет во 1970 година на нелегален начин и затоа треба да биде вратена назад.

Последните неколку години, Египет ја засили борбата против продажбата на украдени египетски антиквитети ширум светот. Доколку се докаже дека одреден антиквитет е нелегално извезен од земјата, се покренува легална процедура со Интерпол и египетското Министерство за надворешни работи со цел да се обезбеди враќање на артефактот назад во земјата каде што припаѓа.