„Егзил“ – уште еден одличен филм на Морина

22

На годинашниот Берлински филмски фестивал, во програмата „Панорама“, беше прикажан новиот филм на Висар Морина, режисер по потекло од Косово, кој живее и работи во Германија. Остави одличен впечаток уште со својот прв филм „Татко“, но неговиот втор филм „Егзил“ е чекор напред.

Станува збор за трилер-мистерија, приказна за Џафер, Косовец од втората генерација, кој работи како стручњак во биохемиска фирма. Тој е образован, професионален, добро ситуиран и оженет со Германка, со која има деца. Еден ден пред вратата наоѓа стаорец. Инцидентот наскоро ќе се повтори, а Џафер не е начисто дали станува збор за омраза кон доселеникот или стаорците имаат врска со канцелариските несогласувања и борбата за моќ. Станува параноичен, а со тоа и местото во компанијата му виси на конец.

Висар Морина направил брилијантен кафкијански трилер, кој многу потсетува на најдобрите филмови на Михаел Ханеке, „Скриено“ или „Непознат код“. „Егзил“ може да му донесе на Морина статус на сериозен европски режисер.