Европската агенција ги прогласи црвите за безбедна храна

1175

Медитеранскиот начин на исхрана и францускиот „бон гу“ (добар вкус) добија конкуренција. Европската агенција за храна неодамна соопшти дека и црвите се безбедни за јадење.
Агенцијата со седиште во италијанскиот град Парма соопшти дека е научно потврдено оти исушените жолти црви се безбедни за јадење – цели или во вид на прав. Се додава дека црвите се богати со протеини и може да бидат состојка на други јадења.
Се наведува и дека може да се јават некои алергиски реакции, во зависност од видот на храната што им се дава на црвите. Но во целост се заклучува дека тоа е нов вид безбедна храна, во согласност со предложената употреба.
Обединетите нации во 2013 година соопштија нешто слично. Агенцијата на ОН за храна и земјоделство наведе дека инсектите може да се јадат, бидејќи содржат малку масти, многу протеини и добри се за исхрана на луѓето, домашните миленици и добитокот, а помагаат и во исхраната на гладните луѓе во светот.