„Д Фестивал“ викедов со онлајн-журка

29

Десеттото роденденско издание на единствената фестивалска авантура кај нас – „Д Фестивал“, првично беше закажано за 3, 4 и 5 јули во Дојран.

– Во таа чест, овој викенд, трите фестивалски дена ќе ги одбележиме со журка од дома, со дел од најдобрите настапи на македонските артисти од минатогодишните изданија на Д Фестивал. Програмата започнува денеска со едно од најпочитуваните имиња на македонскиот андерграунд хип-хоп – „Страјк“, по кој следи енергичниот настап на врвниот уметник од македонската електронска музичка сцена Кирил Џајковски придружуван од „ТК Вондер“ и својот нов вокалист Лион Д – велат организаторите.

Саботната вечер ќе започне со незаменливата позитивна енергија на „Конкеринг лајон“, а ќе продолжи со електро-акустичниот материјал „New York p.m.“ на Дуке Бојаџиев, кој е фузија од неговата клупска и филмска музика.

– В недела ќе се потсетиме на прекрасната атмосфера од ланскиот акустичен настап на Влатко Стефановски, а викендот ќе го затвориме со една од клучните фигури на македонската музичка авангарда – Горан Трајковски – откриваат првите луѓе на „Д фестивал“.

Сите настапи ќе може да се следат на официјалната фејсбук-страница на „Д Фестивал“. М.Т.

Кирил Џајковски