Дури 22 номинации на Еми наградите за серијата „Игра на тронови“

29

Телевизиската серија на кабелскиот оператор ХБО, „Игра на тронови” со 22 номинации води во бројот на номинации за американските награди Еми. Зад неа се „Западен свет” и „Приказните на слугинката”.

„Игра на тронови”, серија заснована на романите на Џорџ Р. Р. Мартин, веќе двапати ја освои наградата Еми за најдобра драмска серија. Сепак, годинава ќе се соочи со тешка конкуренција, имајќи ја предвид „Западен свет”, чијашто приказна е сместена во времето на дивиот запад, и која доби 21 номинација, и „Приказните на слугинката”, којашто говори за дистописка иднина, со 20 номинации.

Серијата „Атланта” на Доналд Гловер е водечка во категоријата за најдобра комедија, со 16 номинации.

Хумористичната серија „Розен”, што беше откажана поради расистичка објава на Твитер на глумицата Розен Бар, доби само една поважна номинација – Лори Мекалф е номинирана за најдобра споредна улога.

Со 12 номинации може да се пофали скеч комедијата на Лорн Мајклс – „Сабота навечер во живо”, којашто, меѓу другото, ја исмеваше и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Доделувањето на наградите Еми е на 17 септември.