„Дубиоза колектив“ има нов член – роботот Роби Мегабајт

101

Познатиот балкански ска-панк бенд „Дубиоза колектив“, со синглот „Take My Job Away“, деновиве го претстави новиот албум „Fakenews“, што го издаде „Менарт рекордс“. Интересно е дека како нов член на групата тие го промовираат првиот музички човеколик асистент, роботот Роби Мегабајт.
Во нивниот препознатлив саркастичен стил, членовите на „Дубиоза колектив“ велат дека се решиле на овој чекор, поради масовната миграција на уметници од Балканот во Западна Европа, примамени од попрофитабилни кариери.

– Во текот на последните месеци, работевме напорно со Роби Мегабајт на новите песни и задоволни сме со постигнатите резултати. Не само што е поверодостоен и потрудољубив од луѓето, туку поседува и огромен креативен потенцијал, кој е овозможен од патентирани софтверски решенија развиени во Босанскиот институт за вештачка интелигенција. Неговиот единствен интегриран процесор на глас е толку напреден што заштедува драгоцено време во споредба со другите пејачи од човечка природа – велат членовите на бендот.

Преку новиот албум „Fakenews“, „Дубиоза колектив“ го изразуваат својот уникатен спој на бес и љубов кон животот и човештвото. Главната инспирација и тема што се провлекуваат низ сите песни на албумот е ширењето лажни вести, што расте низ годините. Освен Роби Мегабајт, како гости на албумот се појавуваат и Ману Чао, „Ерл Сикстин“ од „Дредзон“, Тома Фитерман од „Совјет Суприм“ и мексиканскиот бенд „Лос де Абајо“.
Турнеjата на „Дубиоза колектив“ започнува на 5 февруари со три веќе распродадени концерти во Чешка, проследени со концерт во Москва и клупска турнеjа во Велика Британија.