Дрвјата лекуваат

121

Начин на лекување наречен дендротерапија

Во народната медицина постои начин на лекување наречен дендротерапија. Според Михаил Семјонович Виноградов, експерт за оваа проблематика, дрвјата навистина може да лекуваат, да исцелуваат, да го стабилизираат човечкиот организам, да го нахранат со енергија. Најдобри во тоа се дабот, брезата и борот, но и кедарот, багремот, јаворот, јаболкото, сливата. Но има и такви што на човекот може да му ја „украдат“ енергијата. Тоа се разните видови тополи, американската вишна и други. Постојат записи и преданија дека уште во претхристијанската ера девојките оделе до брезите за да соберат позитивна енергија, за бракот и животот да им бидат среќни. Ранетите војници ги ставале под даб за да им даде сила и побрзо да им заздрават раните.

Правила на комуникација со дрвјата

Правилата на комуникација со дрвјата за да се добијат енергија и исцелување се многу природни и едноставни: треба да застанете со лицето наспроти дрвото давател на енергија, на растојание од 40 до 60 см, да ги затворите очите и да се опуштите. По опуштањето се прават вежби на дишење, кои помагаат во распоредувањето на добиената енергија низ целото тело. Комуникацијата со дрвјата не треба да трае долго, само неколку минути, а тоа е најдобро да се прави во раните вечерни часови, пред спиење. Се поставува прашањето што да прават жителите на големите градови што немаат парк или шума во близината. Специјалисти за дендротерапија предлагаат да се користат тенки парчиња, кои се исечени од различни видови дрвја, или да се користи стол или кревет направени од дрво.

Покрај тоа што има дрвја што даваат енергија, има и такви што ја одземаат енергијата. Најсилни во тој поглед се сите видови тополи и врби. Послаби, но исто така познати се и костенот, елката, американската вишна и други. Тие се одлични за лекување некои психички заболувања, бидејќи ја одземаат вишокот енергија и влијаат смирувачки. Дендротерапевтите препорачуваат кога човекот е тажен, напнат или вознемирен да се допре со целото тело, со грбот или со дланките до некое од овие дрвја, по што настанува смирување на напнатоста и вознемиреноста. Едноставно – гушнете го дрвото како сакан другар и пријател. Во оваа „прегратка“ не се препорачува да престојувате подолго од 20 минути. За терапијата е подобро да се користи живо дрво, а не некој негов дел, но во случај кога нема такво во близината, може и тенки парчиња, подобри се од горниот, отколку од долниот дел на дрвото. Можеби дендротерапијата нема многу да ви помогне, но никако и нема да ви одмогне.

Есенин ѝ посветил стихови на брезата

Брезата ја опевале многу писатели, а Есенин ѝ посветил повеќе стихови. Во литературата постојат рецепти за лекување со разни делови од брезата: со листовите, кората, пупките, сокот, бидејќи таа е многу лековита. Лековита е дури и габата што расте на неа – чагата. Брезата е лековита затоа што е исклучително богата со биолошки активни материи. Во листовите има етерични масла, витамини, каротин, флавоноиди. Младите лисја содржат и протеини, масти и витамини. Чаевите од листот на брезата се одлични против високиот крвен притисок, а ги ублажуваат и болките.

Различни билни препарати од бреза ја подобруваат циркулацијата, ги разградуваат тромбовите, ја негуваат косата, па затоа се препорачуваат кај тромбофлебитис, против воспаление на кожата, пневмонија, бронхитис, болести на жолчното ќесе, инфекции на уринарниот тракт и друго. Таа го забрзува заздравувањето на раните и ја регулира работата на црниот дроб . Со чај од лист од бреза се мие косата, за да биде силна, густа и светла. Брезата, исто така, помага за концентрација, ги зајакнува вниманието и телото. Покрај брезата, полза и лековитост имаат и други дрвја.

Дабот има одлични лековити својства, пред сѐ се користи како терапија против стрес. Ја активира циркулацијата и го намалува времето на заздравувањето. Дабот е еден од најдобрите генератори на позитивна енергија. Добро би било во домот да имаме мебел направен од даб, не само затоа што е долготраен и убав туку и поради тоа што зрачи со позитивна енергија. Борот смирува и ја елиминира менталната напнатост. Подолгиот престој во борова шума помага против кашлање, кивање, бронхитис и слични проблеми.

Буката ја зајакнува отпорноста на стрес и ја зголемува концентрацијата, поволно влијае и врз циркулацијата. Костенот ги олеснува ревматските заболувања, ја елиминира несоницата и, според народната мудрост, ги потиснува стравот и напнатоста од различно потекло. Многу од споменативе дрвја дејствуваат за зајакнување на телото против алергии, но додека алергијата трае, најдобро помагаат парчиња од дрво, особено во периодот на цветање. Во некои источни земји се продаваат вакви парчиња.

Покрај тоа што лекуваат, дрвјата што се засадени околу нашиот дом се еден вид показател за тоа во каква околина живееме и какво ќе биде нашето здравје, бидејќи тие влијаат на просторот во кој растат. Лошата состојба на дрвјата околу куќата е знак дека со околината нешто не е во ред. Затоа добро е да се садат. Некогаш имало убав обичај кога ќе се роди дете, да се засади дрво, на пример даб и елка за момче, бреза или липа за девојче. Било интересно да се гледа како заедно растат и се развиваат.