Домување

Покрај тоа што даваат доза на боја и текстура, шарените чинии изгледаат многу оригинално и му даваат на вашиот простор печат на нешто само ваше. За време на пандемијата сите станавме многу посвесни за сопствениот дом, и функционално и естетски.
Одеднаш го поминуваме целото време што го имаме во него. Не е ни чудо што последната година реновираме, преместуваме мебел или бараме целосно нов стил за својот стан или куќа. А една од оние нови „опсесии“ се токму чиниите – тој тренд во украсувањето на домот што го гледаме насекаде. Најчесто станува збор за шарени, украсени или некои специфични чинии, на пример со некоја тема или шема.
Тие обично се вклопуваат во ретро-ентериери, кои сепак му даваат некои помодерни ноти на просторот. Минималистичките бели чинии се комбинираат со рамка што изгледа одлично на обоениот ѕид. Освен со бојата и дезенот, играјте си и со формите и големините. Можете да ги поставите на помал дел од ѕидот или да ги комбинирате со урамени слики и постери или огледало. Исто така, ова е одличен начин да ги искористиме чиниите што сме ги наследиле од родителите или од бабите и дедовците, наместо да фаќаат прашина некаде по плакарите.