Во киното под ведро небо „Мирно лето“ во Кинотека, вчеравечер се одржа премиерата на филмот „Брод со Бисери“ кој отвори ново поглавје во филмската методологија како иновативен документарен филм.

Станува збор за долгометражен филм, во времетраење од 73 минути, во режија на Александар Зиков, според сценарио на Регина Икономовска, која воедно е и главна личност во филмот, како и имлементатор на поширокиот проект, во чии рамки е и овој нов филмски модел наменет за национална промоција. Директор на фотографија е Александар Карпузовски, монтажата на Јадранка Ацеска, а продукцијата е на Деа Продакшн, чиј главен продуцент е Африм Фаризи, во копродукција со „Арка Медиа“ на Александар Зиков. Во делот од техничката поддршка се Игор Наумов, Горан Керкез и останатите креативци кои се заслужни за изгледот, звукот и стандардот.

Во филмот учествуваат: Василка Димитровска, Николина Василевска, Предраг Икономовски, Зоран Груевски и Хикмет Барутчугил, еден од најголемите мајстори на ебру уметноста во Турија.

Музичката подлога е комбинација од авторска музика за филмскиот саундтрак, дело на Адис Исмаили, со музичка едиција на Фатос Лумани, неколку избрани нумери од дуото „Алма Нова“ кое го сочинуваат инструменталистите Џесика Пирс и Алмер Имамовиќ, и нумери на групите „Ла Колони Волвокс“ и „Баклава“, на кои тимот на филмот им изразува огомна благодарност, како и на сите останати кои придонесоа во неговата реализација.

Прикажаната авантуристичка доку-драма ги воодушеви и изненади присутните, кои појавија интерес за повторно прикажување. Според реакциите на присутните „Брод со бисери“ е филм кој е питок за гледање, во кој убаво се вклопени документаристика, приказни од минатото, сегашноста, нишките што ги соединуваат Турција, Македонија, а воедно сето тоа не изгледа како туристичка ТВ-репортажа.

Филмот откако беше прикажан пред-премиерно на фестивалот „Ода“ во Тетово ја продолжува својата дистрибуција на „голема врата“ со следната фестивалска или светска премиера во Измир на фестивалот „Балкан Панорама“ во чија програма беше избран меѓу 732 конкуренти.

Приказната за филмот ја движи главната личност, Регина, писателка, инспирирана од „специјален подарок“, стаклен сувенир од „Момина кула“ на Босфорот, која заминува за Истанбул за да истражува и пишува за скриената историја. Нејзината потрага е демистификација на тајните во ремек-делата на маркантните историски личности, со фокус на нивната судбина. Сите приказни имаат нешто зедничко, забранета љубов. Нејзината авантура е полна со изненадувања и предизвици, низата од „бисери“ станува мост помеѓу две цивилизации, а нејзиното патување е истовремено и личен „бисер“, кој кулминира со романса во Македонија.

Нејзиниот „Брод со бисери“ кој плови по брановите на историјата, со ризница од скапоцени спомени е метафоричен еквивалент на легендарната јахта на Ататурк „Саварона“, чие име е круна на симболиката на патувањето, „код“ кој и го покажува вистинскиот пат.

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, со институционална логистика од страна на Турција и претставува прв филмски модел на соработка кој ги вмрежува приватниот и државниот сектор, отворајќи ги можностите за промоција во „Продакт Плејсмент“ (Product Placement). М.Т.