Документарец на „Ејч-би-о“ за мистериозниот уличен уметник Бенкси

30

„Бенкси и подемот на незаконската уметност“ е документарен филм за човек што разви уметничко движење со помош на кое изгради деловна империја вредна стотици милиони долари, без притоа воопшто некој да знае кој е тој. Документарецот е достапен на „Ејч-би-о“ и решава голем број дилеми што ги прогонуваат неговите обожаватели.
Мистериозниот идентитет на најпознатиот светски уметник на улични графити сè уште е непознат за пошироката јавност. Неговата политички ангажирана уметност, испади и смели интервенции во просторот со години го провоцираат политичкиот естаблишмент. Со своите духовити графити, тој често покажува презир кон војната и капитализмот. Неговата примена на концептуалната уметност му овозможи армија следбеници, кои сакаат да дознаат само една работа. Кој се крие зад псевдонимот Бенкси?
Градот Бристол во Англија, меѓу другото, е познат по тоа што е дом на најпознатиот „криминалец“, кој е истовремено и најславниот жив уметник. Режисерот Елио Еспана преку документарниот филм, кој трае два часа, носи интересен увид во градењето на кариерата на Бенкси и почетоците на уличната уметност.

Интригантниот документарец започнува со најголемата сензација предизвикана од мистериозниот уметник, кој себеси се нарекува Бенкси. На аукцијата во „Сотбис“ во 2018 година, неговата слика „Девојчето со балонот“ беше продадена за милион фунти, по што се лизна од рамката и се уништи, минувајќи низ далечински активиран сечач за хартија. Откако сликата беше исечена на тенки ленти, нејзината вредност двојно се зголеми.
Бенкси на културната сцена се појави во раните 2000-ти години, како уметник на графити, упорно одбивајќи да го открие неговиот идентитет. Покрај Бенкси, во документарниот филм се зборува и за потеклото на модерната улична уметност, која започнала во 1960-тите во Њујорк. И откако спрејови во лименки станаа широко достапни за продажба на пазарот низ целиот свет, уметноста со графити ескалира, а „сликањето по sидови“ често беше и се третира како вандализам.
Еден од најпознатите и најангажирани графити на Бенкси е оној во Венеција, кој предупредува за проблемот со мигрантската криза.

Презирот спрема хистеријата на масовниот туризам, глобализацијата и инвазијата на крузерите во области што претставуваат споменици на културата, како што е Венеција, Бенкси го покажа преку улична инсталација во форма на продавач што продава слики и со тоа го означи почетокот на Биеналето во 2019 година. Споените слики всушност претставуваат фотографија од крузер меѓу гондолите и познатите венецијански мостови.
Бенкси, логично, не се појавува во документарецот посветен на него, но има извадок од документарниот филм „Луѓето од сенка“ на Би-би-си, во кој Бенкси се појавува на почетокот на неговата кариера во 1993 година покриен со марама, иако очите, косата и гласот не му се скриени. Во филмот се појавуваат и луѓе што, наводно, многу добро го познаваат Бенкси и ја опишуваат личноста на мистериозниот уметник.
Промоторот на Бенкси, Стив Лазаридес, објаснува дека цените на неговите дела се формираат врз основа на неверојатно големата побарувачка за нив.

Купувачите, меѓу кои има и многу познати актерски имиња, нудат многу повисоки бројки отколку она што Бенкси го бара за неговите дела, па затоа продавачите генерално ги прашуваат колку се подготвени да понудат за уметничките дела.
Интересно е што еден од обожавателите и „клиентите“ на Бенкси е британскиот актер Џуд Лоу, кој играјќи во серијата „Младиот папа“ на Паоло Сорвин, имаше реплика што се однесуваше на тоа дека најдобрите светски уметници успеаја да останат анонимни, а меѓу нив, се разбира, беше и „провокаторот“ од Бристол. „Бенкси и подемот на незаконската уметност“ е високоедукативен документарец што ги запознава гледачите со културата на уличната уметност и начинот на кој се справуваат со предизвиците на модерното време.