Докторка за среќа открива како да бидете среќни во изолација

193

Бидете свои, бидете храбри и упорни во креирањето на вашето ново секојдневие. Ова е единствената работа на која треба да обрнете внимание во изолација и која ќе придонесе за создавање среќен и значаен живот

Повеќето од вас изминатите денови сте постојано дома (или поголемиот дел од времето) и се прашувате како да водите нормален живот во овие услови. Пред да одговорам на прашањето во насловот, предлагам да размислите кратко за тоа што за вас значи нормален живот, односно како треба да изгледа тој. Подолу ќе дадам објаснување за тоа како изгледа едно „нормално“ секојдневие на денешниот глобализиран и модерен човек, во кое некои од вас веројатно ќе се препознаат, пишува докторката за среќа Анита Фрејман.

Заборавивме што значи тоа нормален живот

Брза како никогаш досега низ денот; вози 200 километри на час. Нема многу време за семејството, за пријателите, ниту за себе. Нема време за готвење ручек, јаде по пекарници, јаде на нога и обично брза храна. Станува зависен од овие намирници и не сака да му пречи фактот што не ги знае, ниту ги чита состојките на етикетата за храната што ја купува. Пие големи количества нездрави сокови и разни пијалаци. Во подобар случај, пие вода од нездрава пластика за еднократна употреба, со вкус полн со шеќер. Пие кафе 3 во 1, го живее животот 3 во 1. Купува храна од маркети и не се мачи со потеклото на производите. Поминува време во трговски центри, таму се забавува, купува и троши. Тој купува облека; постојано купува облека што полека протекува од плакарот, и притоа нема „што да облече“, несвесен за тоа кој и за колку пари ја изработува и колку таа брза мода ја загадува планетата. Со својот животен стил создава огромни количества отпад. Се грижи за својата надворешност, а ја заборава внатрешноста.

Воспитувањето на децата им го препушта на училиштето и на екраните, затоа што така е полесно
Не им посветува време на своите деца затоа што го нема доволно. Има многу виртуелни „пријатели“ со кои комуницира, што му дава чувство на припадност. Има многу настани на кои не сака да присуствува, но сепак се појавува, бидејќи тоа е ред и обврска (и потенцијална корист). Се буди уморен, легнува уморен. Пие лекови, честопати антидепресиви затоа што такво е времето и тоа е нормално. Под стрес е од сите страни и тоа го смета за нормално, затоа што животот е забрзан. Среќата ја бара на погрешни места, не знаејќи дека никогаш нема да се најде таму; како заморче во кафез. Живее по некои нови и модерни „вредности“. Својот живот го посветува на трката за пари. Со парите што често не се негови, купува работи што не му се потребни, за да ги импресионира луѓето за кои не се ни грижи. Така, тој купува часовници, несвесен дека не може да купи време. Купува секс, несвесен дека не може да купи љубов. Купува кревет, несвесен дека не може да купи мирен сон. Купува книги, несвесен дека не може да купи знаење. Купува позиција, несвесен дека не може да купи почит. Купува лекови, несвесен дека не може да купи здравје.

 
Ваквиот човек не запира, тој постојано е во толпа. Побрзо, повеќе, посилно. Брзината и обврските му овозможуваат да биде во несвесна состојба. Затруен е од медиумите од кои доаѓаат негативни вести. Зависен е од екраните, но не е свесен за таа зависност. Верува на сите или повеќето од она што го слуша на овие екрани, затоа што нема време за прекумерна анализа. Живее за годишниот одмор од 2-3 недели за кој работи цела година како роб. Едноставно живее по инерција, не сака да запре. Запирањето значи соочување и сфаќање дека живееме во привидение на нормалноста, дека живееме во изолација од реалниот живот, реалните вредности, вистинската среќа. Заборавивме што значи тоа нормален живот. Дури заборавивме дека заборавивме; отидовме толку далеку. Тоа е парадокс на времето во кое живееме, тоа е огромна зона на удобност. Паузирање од сето тоа значи да се запрашаме кои сме, зошто сме овде, која е нашата цел на земјата? Што всушност правиме со нашите животи?

Природата рече доста; имате присилен одмор

Можете да го искористите поминувајќи во лутина и фрустрација што изолацијата ви го попречува вашиот „нормален“ живот или можете да го ресетирате целиот живот, искрено да погледнете во огледало и да одлучите како да продолжите. Откако ќе разберете што е навистина важно, ќе можете да го создадете вашиот нов нормален живот на различна и нова основа. Оваа изолација ќе помине, сè во животот поминува. Најлошото што може да ви се случи е доколку не ја искористите оваа можност, и покрај сѐ да му се вратите на стандардниот живот, во својата позната изолација во зоната на комфор.

Обидете се да извлечете максимум од целата оваа ситуација, направете ги работите што ве прават среќни, бидете таму за другите, давајте љубов, давајте сочувство. Среќата не е утре, среќата е секогаш во сегашниот момент. Ако не можете да бидете среќни сега, како и врз основа на што планирате да бидете среќни во иднина? Оставете белег. Бидете свои, бидете храбри и упорни во креирањето на вашето ново секојдневие. Ова е единствената работа на која треба да обрнете внимание во изолација и која ќе придонесе за создавање среќен и исполнет живот.