Доаѓаат унгарското дуо „Терек Фехер“ и Леон Хендрикс

308

„Блуз и соул-фестивалот“ ќе се одржи денеска и утре, во клубот „Станица 26“, во центарот на Скопје. Фестивалот е поддржан од градот Скопје, Министерството за култура и од унгарската амбасада во нашата земја. Концертите почнуваат во 21 часот. Вечерва на првата фестивалска вечер ќе настапат: групата „Зипи Наперс“ од Грција и Леон Хендрикс, братот на легендарниот светски гитарист Џими Хендрикс, кој првпат доаѓа во Скопје, заедно со бендот „Фулвио Феличиано“. Нивниот перформанс е насловен „Во името на Џими“. Утре ќе ги проследиме настапите на дуото „Терек Фехер“ од Унгарија и на македонската група „Д мол пек“.

Инаку, „Зипи напрерс“ постои веќе неколку години под водството на Спирос Мисокефалос. Во својот репертоар негуваат претежно американски блуз-рок. На нивните настапи најчесто изведуваат композиции од различни блуз-уметници, како Би-Би Кинг, Ета Џејмс. Инспирирани од овие легендарни блуз-музичари свират и сопствени, авторски композиции. Нивните концерти и настапи се особено прифатени од публиката поради нивната енергија, моќ и акција.

Леон Хендрикс, братот на покојниот гениј од Сиетл, иконата на американскиот рок, Џими Хендрикс е уметник, текстописец и гитарист, кој започна да се занимава со музиката малку подоцна во животот. Има издадено неколку албуми. Најдобро е познат по неговите оригинални илустрации. Во 2012 г. ја издаде во печат својата книга насловена „Братовата приказна“. Моментално е на турнеја со бендот на Фулвио Феличиано, за да ја свири музиката и да го пренесе искуството од животот покрај неговиот брат Џими. Феличиано е еден од најпочитуваните блуз и рок-гитаристи во Италија и од сите проекти, неговиот проект посветен на музиката на Џими Хендрикс е особено популарна кај љубителите на музиката. Покрај неговиот материјал и класични блуз-песни, неговиот сет вклучува и неколку од најдобро познатите песни на Џими Хендрикс, кои се одлично прифатени од обожавателите низ Европа.

Утревечер први на сцената ќе застанат членовите на „Терек Фехер“ од Унгарија, спој на младост и искуство, бидејќи Адам Терек е светски познат флејтист, пејач, композитор, продуцент, како и основач на легендарниот рок и блуз-бенд „Д Мини“. На сцената е присутен од крајот на 1960-тите и се смета за таткото на прогресивниот рок во Унгарија. Со него ќе настапи тинејџерот Ади, кој свири гитара, а досега сцената ја делеле на над 50 концерти. Нивната музика е заснована на рок и блуз, при што ги интерпретираат на нивен оригинален начин класичните рок и блуз-мелодии, како и одредени балади.

Македонската група „Д Мол пек“ го објави својот прв студиски албум „Gambling Man“ лани, а во моментов работи на вториот авторски албум.