Дното на Охридско Езеро преполно со залутани риболовни мрежи

193

Досега се извадени вкупно 12 километри рибарски мрежи, што е многу мал дел во споредба со другите мрежи, кои сѐ уште се залутани на дното на езерото. Потребно е целосно отстранување на мрежите и намалување на негативното влијание врз живот свет. Проектот треба да се работи со прекугранична соработка со Албанија за да даде посериозни резултати

Околу 12 километри рибарски мрежи се извадени од Охридско Езеро што изминативе децении се заборавени, изгубени или на друг начин потонати. Но тоа е само мал дел, бидејќи уште голем број мрежи сѐ уште се заплеткани на дното на езерото.
Тоа има штетно влијание врз целиот биодиверзитет на езерото, посебно врз рибниот фонд. Рибите матици ги избегнуваат местата со потонати мрежи и распаднати животни лоцирани на природни рибни пловишта, а тоа влијае на рибната популација.

Отстранувањето напуштени, изгубени, и на друг начин оставени рибарски мрежи во Охридско Езеро, се реализира изминатиов период во рамките на проектот за Заштита и одржливо користење на биодиверзитетот на Преспанско, Охридско и Скадарско Езеро, финансиран од германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ, Германското сојузно министерство за економска соработка и развој и изведен од ЈНУ „Хидробиолошки завод“ – Охрид.

За отстранување на мрежата и на други алати се спроведени неколку методологии, меѓу кои е набавена направа – екосонар за регистрирање на местата на изгубените мрежи, потоа е работено со тим од тројца нуркачи, направено е чистење и со влечење канџи со 5 чамци, како и со истражувачкиот брод на „Хидробиолошкиот завод“.

– Со овој проект сакаме да придонесеме во издигнување на јавната свест во однос на заштита на рибите и животната средина на Охридско Езеро. Мрежите иако не се оставени тенденциозно да ловат, уште ловат. Станува збор за мрежи што се залутани на некој начин длабоко во езерото, кои понатаму прават штета, не само на рибниот фонд, туку и на другите живи компоненти. Пастрмките кога еднаш ќе се најдат на овие пловишта, веќе нема да доаѓаат и да го вршат на оваа локација својот природен мрест.

Со заштитата на рибните пловишта би се заштитила популацијата – вели Душица Илиќ-Боева, која заедно со својот колега Зоран Спиркоски темелно работи на заштита и одржливо користење на Охридско Езеро.

Набавката на екосонарот, кој има можност за читање до 80 метри, помогнал да се утврдат местата каде што претпоставувале дека има мрежи, но и да лоцираат нови точки.

– Цел ни беа места каде што знаеме дека се поставуваат мрежи за комерцијална примена. Втората методологија беше со тим од тројца нуркачи, кои нуркаа од 5 до 25 метри на каменесто дно, каде што од разни причини мрежите потонуваат и знаат да се замотаат околу камењата, некои од нив беа успешно извадени, околу 275 метри мрежа. А на локацијата Метропол, каде што се наоѓа пумпата за водоснабдување на градот Охрид, која користи вода од Охридско Езеро, во неколку наврати се извадени сите мрежи и сега со сигурност можеме да кажеме дека водата е со подобар квалитет.

Во овие мрежи се наоѓаат тела на умрени единки, кои можат да бидат опасни за квалитетот на водата. По целата должина на брегот на македонската страна беше извршено и влечење канџи со чамци. На длабочина од 15 до 80 метри, 5 чамци влечеа јажиња со канџи, за да ги извлечат мрежите, кои лебдат во езерото. На овој начин 1.140 метри мрежи беа извадени. Контролирано и внимателно работевме за да не дојде до нарушување на живеалиштата. Не беа извлечени само мрежи, туку и сидра, вештачки мамки, јажиња, јадици, блинкер. Вкупно се извадени 243 мрежи, кои имаат должина од источниот до западниот брег на езерото, или околу 12 километри. Што е многу мал занемарлив дел во однос на другите мрежи, кои уште се залутани на дното на езерото – објаснува Душица.

При вадењето на мрежите не се извадени само мрежи, туку и многу школки, ракови, белвици, пастрмки, краби, корморани. Повеќето умрени, но и многу живи заглавени, кои повторно се вратени во слатките води.

Потребно е целосно отстранување на мрежите и намалување на негативното влијание врз живот свет. Проектот треба да се работи со прекугранична соработка со Албанија за да даде посериозни резултати.

– Даден му е предлог на претпријатието „Проаква“ оваа акција да се спроведува секоја година, барем на локацијата каде што е пумпата. За полесно да се справуваме со проблемот, предложивме неколку мерки, меѓу кои изведување заедничко албанско-македонско отстранување на мрежите од Охридско Езеро. Обезбедување на локално, национално и меѓународно финансиско учество за поцелосно отстранување на мрежите, како и прекугранична активност. Препорачуваме да се користат биоразградливи мрежи во риболовот. И задолжително да се известува за изгубен алат – додаваат од „Хидрометеоролошкиот завод“.

Имајќи ги предвид уникатните животни форми, кои го населуваат езерото и важноста на микроклиматските услови, неопходноста од спроведување заедничко албанско-македонско отстранување на мрежите е голема.