Диџеј Свен Ват ќе го затвори „Таксират 21“

30

Легендарниот андерграунд-технодиџеј и поп-суперѕвезда Свен Ват, од многумина нарекуван и таткото на рејверските забави, доаѓа ексклузивно од Амстердам за да ја изведе својата магија со целовечерен сет на 8 декември, во СЦ „Борис Трајковски“, за заокружување на „Таксират 21“. Папа Свен е визионер и перфекционист, кој го смени текот на електронската музика. Магионичар што повеќе од 35 години ја изведува својата илузија исклучиво на грамофони.

На главната вечер, на 21-то издание на „Таксират“, на 7 декември, во полн состав се приклучуваат и „Суперхикс“ – синоним за добра забава, повеќепати прогласувани за група, хитови и концерт на годината.
Истата вечер на главната сцена ќе застане и хрватскиот рапер и стиховен еквилибрист Андрија Вујевиќ, алијас Војко В, кој ги исмеа сите и имаше неверојатно успешна година: грабна три награди „порин“ (за најдобар албум и за најдобар клупски албум „Војко“, како и за најдобар видеоспот „Не може“) и се претвори во најангажиран изведувач во регионов.

Покрај „Суперхикс“ и Војко В, на листата на изведувачи за главната вечер на „Таксират 21“ веќе се запишани и британските драменбејс-супернови „Чејс енд Статус“, хрватските легенди „Хладно пиво“, шведските поп-ѕвезди Петер Бјорн и Џон, култните „Београдски синдикат“, а втората фестивалска бина ќе биде отстапена на суперсобирот на најголемите трап-артисти од домашната и регионалната сцена.
За десетина дена започнуваат финалето и десетте дена во славење на музиката и културата на годинешниот „Таксират број 21“. Почнуваат со шестата ПИН-музичка конференција и шоукејс-фестивал, која ќе се одржи од 28 до 30 ноември во МКЦ. На 1 декември ќе се одржи и првиот соло-концерт на скопскиот рапер ЛД Пистолеро во МКЦ, а на истата локација за 5 декември е закажана ЛП (винил) и концертна промоција на музичкиот проект на Мугер Фугер и Горан Трајкоски, насловен „Во ова време“. Традиционалниот избор на најдобар демо-изведувач на „Лузер фест“, со осум нови бендови, е потврден за 6 декември во МКЦ.