Диоген: Го барам човекот

271

Не знам ништо, освен фактот за моето незнаење

Диоген верувал дека општеството не соодветствува со вистината и тврдел дека луѓето се заробени во свет за кој верувале дека е реален и затоа живеат во состојба на сон. Ги мразел нечесните постапки на луѓето, па, така, среде бел ден со фенер во раката излегол на плоштадот во Атина, а кога го запрашале што прави, одговорил: „Го барам човекот“

Диоген како пример за сегашноста

Поаѓајќи од целата ситуација што нѐ опкружува, не може а да не констатирамe еден поразителен факт, а тоа е дека како што одминува времето, кај луѓето сѐ повеќе излегуваат на површина карактерните жички на саможивност, себичност, себељубје, егоизам… И сѐ повеќе во сите нас бараме човекољубие, солидарност, сочувствителност, човечност… И токму тоа ме мотивираше да напишам неколку збора за Диоген, кој „го барал човекот“ меѓу луѓето.
Разумен живот е оној што се живее во согласност со природата и природните склоности, вели Диоген. Верувал во самоконтролата и отфрлањето на сето она што е непотребно во животот, вклучувајќи ги и личните поседи и општествениот статус. За да биде верен на себеси, без оглед дали на него ќе гледаат како на „луд“, се стремел кон живот вреден за живеење. Силно уверен во своите погледи, живеел на отворено, среде пазарот во Атина, а неговиот скромен имот се состоел од еден голем ќуп во кој спиел и сад за вода. Честопати бил исмејуван поради својот начин на живеење, а во текот на една свеченост некои од гостите му фрлиле неколку коски и го нарекле „куче“. На овие навреди, Диоген одговорил со кревање на ногата и уринирање врз дрвото што било пред него. И покрај таквото однесување, Атињаните го сакале…


Храброст да се спротивстави на интелектуалниот авторитет

Верувал дека доколку делото не е срамно во приватноста, не треба да биде срамно ниту за јавниот живот. Според него, правила во општеството ги принудувале луѓето да живеат спротивно од природната состојба и ги отфрлил постојните манири и етиката, за кои сметал дека се основата на лажниот живот. Затоа честопати му се спротивставувал на познатиот грчки филозоф Платон. Кога Платон го дефинирал човекот како животно и се пофалил за својата дефиниција, Диоген ископал една птица и со неа влегол во Платоновата академија, каде што изјавил: „Еве го човекот на Платон“. Ова не е единствениот пат кога Диоген го навредил Платон, меѓутоа е најпознатиот.

Храброст да се спротивстави на авторитетот на силата

Плутарх раскажува дека кога Диоген живеел во Коринт, Александар Македонски пристигнал и многу сакал да се сретне со филозофот. Македонскиот крал го нашол Диоген како се потпира на својот ќуп, свртен кон сонцето. Александар се претставил и запрашал дали би можел да стори нешто за филозофот, а Диоген одговорил: „Да. Помести се од мојата сончева светлина“. И покрај овој однос, Александар му се восхитувал на неговиот дух и рекол: „Да не бев Александар, би сакал да бидам Диоген“, на што Диоген одговорил: „Да не бев Диоген, јас исто така би посакал да бидам Диоген“. Во друга пригода, кога некои разговарале за Калистен и убавите постапки со кои бил примен од Александар, Диоген одговорил дека Калистен е беден човек, затоа што е принуден да појадува и да вечера кога ќе одлучи Александар.

Продај ме на тој човек, затоа што тој сака господар!

Без разлика дали е вистинита или не, приказната за заробувањето на Диоген од страна на пиратите и неговото продавање во ропство е сведоштво за силата на неговите убедувања. Откако бил заробен, во Коринт бил изведен на пазар за да биде продаден како роб. На прашањето каква дарба поседува, Диоген одговорил: „За управување со луѓето“, а потоа побарал да му биде продаден на Ксениад, велејќи: „Продај ме на тој човек, затоа што тој сака господар“. И покрај тоа што бил роб, Диоген имал голема самодоверба и харизма, со која ги поттикнувал другите луѓе да го слушаат и да го прават она што ќе им го каже. На пример, Ксениад го купил Диоген, го сместил во својот дом и го задолжил да ги поучува неговите синови, а подоцна филозофот станал дел од неговото семејство.
Според традицијата, Диоген живеел во Коринт со семејството на Ксениад до крајот на својот живот и умрел на деведесетгодишна возраст. По неговата смрт, Коринтјаните го погребале неговото тело и му подигнале споменик. Оваа постапка можеби би предизвикала потсмев кај Диоген, затоа што додека бил жив го запрашале што сака да се направи со неговото тело по неговата смрт, а тој одговорил дека треба да се фрли надвор од градот за да се нахранат кучињата.