Дино Милосављевиќ и „Влатко Стефановски трио“ – ѕвезди на „Друм дум фестивал“

70

Ѕвезди на осмата меѓународна музичка манифестација „Друм дум фестивал“, која викендов се одржа во Лесковац, Србија, беа тапанарот Дино Милосављевиќ, „Влатко Стефановски трио“ и рок-групата „Ки“ од Куманово.
Фестивалот се одржа во петокот, а почна со изложба на фотографии во Културниот центар на градот, по што следуваше промоцијата на книгите „Рокенрол во канџите на Интернет“ и „Сељобрити, кажи“, на авторите Бранимир Локнер, Предраг Јовановиќ и Бранислав Башиќ Пекар. Потоа се одржа музичка работилница на тапанарот Игор Малешевиќ.

Ревијалниот дел, поради нестабилните временски услови, беше преместен во Народниот театар. И македонскиот тапанар Дино Милосављевиќ, пред концертот со триото, одржа музичка работилница, исто така во салата на театарот, со почеток во 18 часот. Кумановската група „Ки“ настапи како победник на минатогодишната „Гитаријада“ во Заечар и го отвори ревијалниот дел.
Фестивалот го затвори бендот „Парампарчад“ од Црна Гора, а боите на Србија ги бранеше групата „Денис напаст“, со Игор Великов на тапани.
И годинава имаше место за младите надежи на школите за тапанари од Заечар и Лесковац.