„Дизни“ снима филм за слончето Дамбо

49

Компанијата „Дизни“ продолжува со филмска адаптација на своите најубави бајки и по „Пепелашка“, „Снежана“ и по „Убавицата и ѕверот“, време е за филм за слончето Дамбо, кое го доби својот прв трејлер. Новата екранизација на Дизниевата приказна од 1941 година овој пат е во режија на Тим Бартон. Филмот го задржа името „Дамбо“, како и бајката и цртаниот филм, а како што е познато приказната се врти околу малиот слон кому сите му се смеат поради неговите големи уши.
Холт Фарие, кого го глуми Колин Фарел, е бивша ѕвезда на циркус, чиј живот тргнува наопаку по враќањето од војна. Тој повторно се вработува во циркус, каде што мора да се грижи за малото слонче со големи уши. Меѓутоа, кога децата на Холт ќе откријат дека животинчето што сите го исмеваат може да лета, тој ќе се потруди Дамбо да стане вистинска ѕвезда.
Премиерно филмот „Дамбо“ ќе биде прикажан на 29 март следната година во САД, а потоа ќе пристигне и во други земји во светот.