„Дивље јагоде“ го претставува новиот албум „Jukebox“ во Скопје

69

Регионалното претставување на новиот албум на групата „Дивље јагоде“ – „Jukebox“, нема да го заобиколи Скопје. Основачот на бендот, Зеле Липовача, денеска, во 13 часот, ќе се дружи со новинарите, пријателите и со обожавателите во новоотворениот „Авалон музик енд тикет стор“ во ГТЦ. Убава можност за добра музика, автограм и фотографирање со еден од најважните автори и гитаристи на музичката сцена од Вардар до Триглав, човекот што ги напиша: „Криво је море“, „Једина моја“, „Не желиш крај“, „Аутостоп“, „Мотори“, „Шејла“, „Заувек твој“, „Марија“…

– Сè што сонував како момче и тоа што требаше да биде неисполнета бајка стана реалност. Значи, чудата се можни! По 40 и кусур години, албумот „Jukebox“ не е големо, но тој е секако мало чудо – вели основачот, автор на песните и гитарист на „Дивље јагоде“, Зеле Липовача, по повод излегувањето на новиот албум на кој работеше многу години, а го издаде „Кроација рекордс“.

Според Липовача, „Jukebox“ е симбол на нивните почетоци, минливоста на времето, но и порака дека никогаш нема да ги заборават своите стари хитови и членови што минале низ бендот. Па, така, на овој носач на звук групата „Дивље јагоде“ им беше домаќин на поранешните членови: Тони Јанковиќ, Младен Војичиќ-Тифа, Санин Кариќ, Жанил Татај-Жак, Ненад Бориќ и Един Шеховиќ-Шеха, кои заедно со „Дивље јагоде“ слават 40 години постоење на овој неверојатен состав.

Со овој албум, пејачот Тони Јанковиќ станува полноправен член на групата, а тој всушност е дел и од насловната песна „Jukebox“. Музиката и аранжманот ги потпишува основачот и гитарист на „Дивље јагоде“ – Зеле Липовача, а текстот го пишуваше хит-мејкерот Ненад Нинчевиќ.

Со новиот албум, објавена е видеоприказна за песната „Jukebox“, во кој „Јагоде“ евоцираат стари спомени и се присетуваат на изминатиот пат. Тие му го посветија спотот на Мустафа Исмаиловски-Муц, клавијатурист во оригиналниот состав, но и на публиката, која им беше верна сите изминати години.