Де Ниро: Во Њујорк сѐ потсетува на 11 септември

495

Легендарниот глумец Роберт де Ниро во неодамнешно интервју за Си-ен-ен говори за пандемијата на коронавирусот, објаснувајќи, меѓу другото, дека не е задоволен од задоцнетата реакција на властите во САД. Но тој нагласува дека е многу задоволен од одличните потези што ги прави гувернерот на Њујорк, Ендју Куомо, пренесува магазинот „Пипл“.
– Властите, па и луѓето требаше да реагираат порано, имаа доволно предупредувања за тоа. Немаше да бидеме тука каде што сме ако тие реагираа порано – објасни 76-годишниот холивудски глумец.

Тој додава дека Куомо направил одлична работа, а тоа навистина влијае освежувачки кога некој го крева гласот за вистински нешта.
Де Ниро ја споредува состојбата со онаа од 11 септември 2001 година.
– Чувството е идентично, а ова што го живееме сега, го гледавме само во филмовите. Сѐ толку брзо се одигра, и што е најстрашно ни се случува нам ги менува нашите животи – вели Де Ниро.

Инаку, властите во САД се цел на осуди поради тоа што на пандемијата на коронавирусот не реагираа навреме. Најмногу критики доби претседателот Доналд Трамп, кој одби да го стави Њујорк во карантин, наспроти фактот дека овој град е жариште на коронавирусот во САД.
Во моментот во САД се заразени 770.000 луѓе, а само во Њујорк има 250.000 случаи.