Децата од „Страшо Пинџур“ на оригинален начин го честитаат Велигден

966

Учениците во државата, повеќе од еден месец следат настава онлајн. На еден од часовите, второодделенците во основното училиште „Страшо Пинџур“ од Неготино, заедно со нивната наставничка, се договориле на еден оригинален начин да го честитаат големиот верски празник Велигден.

Секое детенце изработило по една буква на лист хартија, потоа се фотографирале со изработките, а фотографиите ги испратиле на нивната наставничка Цанка Костова, која од нив направила постер. На постерот има и фотографии од минатогодишната посета на одделението во црква.

– Пораката што ја испраќаме е „Празнуваме со надеж дека поскоро ќе се вратиме во училница“. Годинава сме далеку еден од друг, но сепак сме сите заедно. Празнуваме и се радуваме, ви праќаме надеж дека и ова ќе помине и дека ќе се вратиме повторно на местото каде што припаѓаме, а тоа е нашата училница, нашиот нормален и реален свет. А дотогаш најважно е да останеме здрави. Да имаме здрави деца, здрави родители, здрави наставници. Среќен празник од мене и моите вторачиња – посака наставничката Костова. A.П.