Дефиле на љубителите на „пежо 404“

222

Членовите на Македонскиот клуб на сопственици на автомобилот „пежо 404“, произведени меѓу 1968 и 1973 година, во саботата со два почесни круга по Партизанска од „Тифани“ до кружниот тек пред влез во општина Ѓорче Петров и назад и со куса фотосесија на тврдината Кале, го одбележаа Светскиот ден на овој автомобил.

– Целта ни е и кај нас во Македонија да се сочуваат што повеќе примероци од ова возило кое го има маркирано врвот на автомобилската технологија во 1960-те. Технолошкиот развој секогаш тежнее да постигне изведба на најдобра комбинација на убавина, удобност, елеганција и квалитет. На производителот на автомобили „Пежо“ тоа му успеало со моделот „404“. Некогашна Југославија имала добри деловни односи со Фанција, па така „пежо“ бил често возило во деловниот и приватниот живот и во минатото, а и сега е така. Затоа во Скопје сѐ уште има десетина промероци кои се трудиме да ги сочуваме и заштитиме во добра возна состојба, за да можат уште долго да седочат за квалитетот на нашиот живот во годините на „бел епок“ како експонати од технолошкото културно наследство – ни рече Деан Шкартов, член на клубот.

Тој дополни дека е меѓу оние среќници кои растеле со ова возило.

– „Пежо 404“ е дел од моите детски спомени, уште од најрана возраст, кога семејно со него одевме на одмор, на гости, за време на кампување нѐ чекаше покрај шаторот, паркирано во мир и длабока медитација цели две недели – вели Деан.

Оваа година, заради мерките за претпазливост и ограничено движење поради епидемијата на коронавирусот настанот немаше јавен карактер, но членовите сепак го одбележаа денот со почесно возење на сигурно растојание со употреба на заштитни маски.

Гости им беа членовите на клубовите „Мини“ и „Буба“. Иницијативата е поддржана од Амбасадата на Франција во Скопје. М.Т.