Детоксикација на организмот по празниците

140

Колку и да се трудиме да бидеме умерени во јадењето и пиењето за време на новогодишните и божиќните празници, сите по малку излегуваме од рамнотежа и здравите навики ги оставаме настрана, како уште една од нашите желби и одлуки што ќе ги оствариме по празниците. Навистина не е лесно да се откажеме од богатата празнична трпеза и од многубројните традиционални солени и слатки оброци, но она што сигурно треба да се направи е контролата на внесената храна. А откако сѐ ќе заврши, сериозно да се посветиме на детоксикација на организмот и поправање на направената штета. Целта на детоксикацијата е да се исчисти организмот од штетните состојки и да се наполни со витамини и минерали, како и да се поправи општиот метаболизам.

Неколку совети на нутриционистите:
– Неопходно е да се води сметка за доволната хидратација. За успешна детоксикација на организмот особено е значајно внесувањето течности, заради полесно и побрзо варење и побрзо елиминирање на токсините. Освен вода, се препорачува пиење незасладен чај и лимонада, но и други природно цедени овошни сокови.
– Треба секојдневно да се јаде храна богата со влакна, која влијае на правилното варење и помага во елиминација на токсините. Треба да се консумира овошје, зеленчук, интегрални житарки, мешункасти растенија и разни семиња.
– Освен во супи и чорби, или како прилог на главното јадење, зеленчукот можете да го мешате со овошје при приготвување кашест сок.
– Треба целосно да се исфрли или да се сведе на минимум внесот на сува и брза храна, на слатки, газирани пијалаци, засладени сокови, алкохол и цигари. Не треба да се претерува со јадење големи количества храна и потребно е да се јаде почесто но помалку, што го подобрува варењето и го забрзува метаболизмот.
– Доколку сте во можност, воведете некои физички активности во своето секојдневие, што исто така ќе придонесе за побрзо исфрлање на токсините од телото.