Денови на филигранство и накит

952

Занаетчиската комора – Скопје и „Скопје сити мол“ четврти пат го организираат настанот „Денови на филигранство и накит“, со кој сакаат да се даде поддршка за зачувувањето на културната традиција, но и да им дадат можност на занаетчиите да се претстават во современ продажен објект и да се понудат на поголем пазар. Викендов на приземјето во „Скопје сити мол“ се одржа базарот, на кој беше претставен и промовиран филигранскиот занает и уникатниот накит, кој претставува дел од македонската традиција.

Филигранскиот накит е спој на филигранските техники и вештини и дизајнот, спој на традиционалното и современото – уметничко дело што ја отсликува нашата култура.
На „Деновите на филигранство и накит“ беа презентирани многубројни изработувачи на накит од филигран, накит од мониста, полускапоцени и скапоцени камења, оргонит. Целта на настанот e на едно место да се презентираат уметноста, креативноста, дизајнот и умешноста на вредните раце на ракотворците што ги испреплеле традицијата, културата на живеење со современото и модерно живеење и создале нешто единствено и вредно. Филигранскиот накит претставува уникатен и прекрасен украсен објект што го одзема здивот и е вистинска скапоцена глетка.

Во рамките на тридневниот настан „Денови на филигранство и накит“, заинтересираните посетители имаа ексклузивна можност на самото место да видат како се изработува филигранот и да дознаат дел од тајните на овој познат и тежок занает. Оваа промоција е прекрасен начин да се сочуваат традицијата и културата споена со модниот дизајн. Според организаторите, со текот на времето се губат традиционалните културни вредности меѓу кои се вбројува и филигранот, но бидејќи од минатото не може да се живее, потребни се насочување и фокусирање кон иднината, за да се спојат со современото живеење и за да се создадат нови вредни и уникатни производи.