Со декорирање на излозите на шест продавници на улицата Македонија и на Театарот за деца и младинци, започна првото издание на фестивалот за креативност „Недела на излозите“, кој ќе трае до 17 декември во строгиот центар на Скопје. Зад креативниот концепт и реализацијата на секој излог стои тим составен од 25 млади архитекти и модни дизајнери од Архитектонскиот факултет во Скопје и од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Идејата на фестивалот е да се пренесат важни пораки до минувачите, а секој од излозите раскажува своја различна приказна.

Основачи на фестивалот се модната истражувачка Кристина Глигоровска, архитектката Искра Јанковска-Михајловска и модната креаторка и професорка Лидија Георгиева, а е поддржан од Амбасадата на Швајцарија.

– Огромна е радоста од реализацијата на проектот, кој во почетокот изгледаше како недофатна идеја, буквално напишана на еден лист хартија во еден скопски бар. Прашањето што нѐ мачеше беше како да ги споиме модните дизајнери и архитекти и од нивната соработка да произлезат уметнички дела. Она што прво ни падна на ум се излозите, кои се всушност отворена галерија на еден модерен град. Среќни сме што успеавме да ги донесеме светските трендови во оваа област – рече Глигоровска на отворање.

Дизајнерката Лидија Георгиева, пак, рече дека целиот тим, соработниците и студентите со голем ентузијазам и голема љубов работеле на проектот и дека уредувањето на излозите претставува еден вид подарок за градот.

– Ова е подарок за градот, тоа е идејата. Сакајте го како што го сакаме ние, уживајте во делата на младите студенти и професионалци што доаѓаат сега, прочитајте ги нивните имиња. Пасажот е подарок за цел град, чувајте го. Намерно го оставивме получист, полувалкан за да го препознаат – рече Георгиева.

Преуредени се излозите на книжарницата „Култура“, часовничарот „Хронометар“, Театарот за деца и младинци, книжарницата „Литература.мк“ и на продавницата за чоколадо на швајцарскиот бренд „Линт“, како и пасажот до „Литература.мк“.