Да работиш за Елен Деџенерис е како да си во „воен камп“

251

Елен Деџенерис го водеше своето домаќинство како „воен камп“, гласи едно од многуте обвинувања од поранешни вработени на познатата американска водителка, објавува „Дејли мејл“.

Поранешниот вработен во домот на Деџенерис во Калифорнија објаснил дека работниците ретко останувале повеќе од неколку месеци, бидејќи таа давала наредби викајќи, ги тормозела вработените за ситни грешки и „уживала“ во давањето откази.

Животот зад сцената во домот на познатата водителка бил подеднакво трауматичен како и наводната „токсична атмосфера“ во нејзината емисија, тврди изворот за „Дејли мејл“.

На работниците им бил даван дневен список на ситни грешки што ги правеле, како што се сервирање храна во погрешен сад, оставање на мелницата за сол на погрешно место или послужено кафе што не е направено по вкус на  Деџенерис, што подразбира дека не е изматено како што таа го сака.

Деџенерис дури „поставувала стапици“ пред да замине на работа, ставајќи кибритчиња зад вратите на шкафот и перниците, за да провери дали тие што чистат навистина го прават тоа во нејзиниот голем дом.

– Јас мислам дека вистинскиот карактер може да се согледа преку однесувањето дома. По сè што беше кажано за неа, каква е на работа, можете сега да замислите колку е страшна Елен дома. Понекогаш таа ќе ни викнеше, но со висок тон што го користеше за да ја постигне целта. Таа се однесуваше кон нас како да не сме ништо. Додека те измачува, ти само седиш таму и слушаш затоа што си платен. Елен беше најлошата личност што сум ја сретнал во животот. Таа ужива кога отпушта луѓе – изјавил нејзин поранешниот вработен.

Деџенерис се соочи со голем број критики од десетици вработени во шоуто во изминатите неколку месеци, кои тврдат дека расизмот, малтретирањето и сексуалното вознемирување биле присутни за време на снимањето.

Водителката се извини, но инсистираше на тоа дека не била свесна за злоупотребата бидејќи не била одговорна за се што се случува во нејзината емисија, што ја освои наградата „Еми“.

Матичната компанија „Ворнер медија“ започна внатрешна истрага по што отпушти тројца продуценти, Ед Главин, Кевин Леман и Џонатан Норман, во пресрет на 18 тата сезона на шоуто, која започна на 9 ти септември.

Луѓето кои се незадоволни од Деџенерис тврдат дека таа била лоша кон вработените. Меѓу нив е и нејзиниот поранешен телохранител, кој кажал дека одбила да разговара со него и келнерка која за „Дејли мејл“ изјавила дека ја загубила работата откако Деџенерис се пожалила дека и го уништила лакот на маникираните нокти.