Да наполниш сала од 8.000 места – речиси невозможна мисија

464

Организирањето големи концерти бара многу енергија, голема организација и е речиси невозможно без некој голем покровител

Кога гледаме како музичките ѕвезди и ѕвездички од регионот и од странство ги полнат салите и стадионите, повеќето од нас помислуваат дека тоа е лесно да се направи. Но кога станува збор за домашните популарни пејачи и групи, за жал, не е така. Многумина од нив, било да се работи за интерпретатори на поп, рок или народна музика, не ни одржале голем солистички концерт или се пресреќни што барем еднаш си го овозможиле тој луксуз, и тоа по повод некој јубилеј. Рака на срце, на некои од нив им успеало да ја наполнат салата „Борис Трајковски“ во Скопје или „Метрополис“ на Скопскиот саем, за што, секако, заслужни се и менаџерите, кои го организираат сето тоа. Токму тие велат дека е многу тешко да се наполни една повеќеилјадна сала со народ, бидејќи тоа да успее, како и целокупниот концерт, потребно е да се склопат многу коцки. Нашите менаџери, композитори и пејачи се едногласни дека кај нас да наполниш сала од 8.000 места е речиси невозможна мисија.

Влатко Лозановски

Влатко Лозаноски, кој годинава одбележува десет години на макeдонската естрадата, сѐ уште не одржал голем солистички концерт иако има многу хитови, а за повеќето од нив се снимени и спотови. На пример, неговата последна песна „Километри“ има милион и триста илјади прегледи на Јутјуб, а песните често му се најемитувани на нашите радиостаници.
– Навистина е тешко е да се направи голем концерт кај нас. Има влијание музиката од соседните држави и генерално сите што правиме македонска музика сме странци во сопствената држава. Знам низ какви работи поминаа тие луѓе што направија солистички концерти, како „ДНК“ и други изведувачи, тоа е вистински пекол, за разлика од некои странски изведувачи, кои минуваат многу лесно. Еве, јас веќе десет години на македонската музичка сцена имам големи хитови, но досега немам одржано концерт, бидејќи не сакам да го направам тоа по секоја цена. Сепак, верувам дека наесен ќе се случи и тоа, со поддршка на мојата публика – вели Лозаноски.

Лазар Цветковски

И за композиторот Лазар Цветковски, автор на многу македонски хитови, организацијата на мегаконцерт е голем предизвик.
– Тоа бара многу енергија, организација и е речиси невозможно без некој голем покровител, зашто е скапа инвестиција. Не е едноставно да се наполни сала од осум до десет илјади луѓе, а во сето тоа најважна е поддршката од публиката. Андреј и Панчо од „ДНК“, со кои долги години соработувам, се меѓу ретките што се максимално фокусирани на работата и затоа не е случајно што тие континуирано ги полнат салите, а се надевам така ќе биде и во иднина – вели Цветковски.

Наташа Малинкова

Пејачката Наташа Малинкова, која има долг стаж на естрадата, исто така посакува да одржи концерт во „Борис Трајковски“.
– Правам мини-концерти речиси секоја вечер во дискотеки и клубови низ Македонија. Многу работам, постојано снимам нови песни и спотови, но организирањето голем концерт за повеќеилјадна публика бара голем ангажман, одлични теми што треба претходно да се вратат на радио, на ТВ, да бидат прифатени од поширока публика. Значи тоа е склоп на многу околности, но сепак најважна е организацијата, треба многу да се вложи за да биде успешен еден концерт – вели Малинкова.

Виолета Томовска

За доајенката на нашата народна музика Виолета Томовска причина за ретките концерти е и тоа што државата не ги субвенционира.
– Жал ми што моите помлади колеги не одржуваат концерти, а тоа е најубавиот дел од кариерата на секој пејач, блискиот контакт со публиката, аплаузот. Навистина, голем концерт без поддршка и покровителство е многу тешко да се одржи, па затоа се надевам дека Министерството за култура во иднина ќе има поголем слух и ќе им дава поголема поддршка на изведувачите, а тоа пак ќе придонесе да заживеат нивните песни, да има повеќе хитови – вели Томовска.

Дуле Миќиќ

Естрадниот новинар Дуле Миќиќ смета дека нашите пејачи со години немаат вистински мегахитови, а тоа е единствениот рецепт за популарност.
– Толку пaрадоксални работи се случуваат на оваа нашата македонска естрада, што не знам дали да плачам или да се смеам. Се смеам кога ќе видам дека концертот се одложува поради „лоши временски услови“ или поради „лоша здравствена состојба“. За плачење е тоа што ретко кој наш изведувач може да ги наполни спортските сали или Градскиот стадион, освен ако добар дел од влезниците не се гратис. Чест на исклучоци, а тука мислам само на покојниот Тоше Проески, кој беше последниот наш пејач што до последното место го наполни стадионот – вели Миќиќ.

Велибор Џаровски – Џаро

Според познатиот балкански менаџер Велибор Џаровски-Џаро, актуелните организатори не знаат да си ја работат својата работа, а можеби и не ја сакаат доволно.
– Па, сега јас да направам состав ќе наполнам три сали. Универзална беше одлична сала и верувам дека само за 2.000-3.000 евра таа би можела повторно да се оспособи за концерти. Зошто Министерството за култура и градот Скопје не го сторат тоа? Па, таму еден куп домашни и ѕвезди од регионот направиле одлични концерти. И не е точно дека немаме добри пејачи. Во моментот ги имаме најдобрите вокалистки на Балканот: Калиопи, Каролина, Елена, Тамара…, но некои од пејачите не се ни обидуваат да направат голем концерт, им недостигаат амбиција и добри менаџери – вели легендарниот Џаро.

Кристијан Стефановски

Според менаџерот Кристијан Стефановски, кај нас нема големи концерти бидејќи нема големи ѕвезди.
– Имаме вештачки креации, кои самите себеси или нивните менаџери ги нарекуваат ѕвезди.
За жал, немаме реална голема ѕвезда што продава албуми и одржува големи концерти. А таканаречените ѕвезди не можат да продадат повеќе од 500 влезници, па затоа мора да прават концерти во помали сали, како што е МОБ, која собира 600 луѓе. Има и такви македонски ѕвезди што во својата десет-дваесетгодишна кариера еднаш во животот имале концерт, и тоа во Универзална сала, во најдобар случај во „Метрополис“ – вели Стефановски.