Да ги охрабриме фабриките и дизајнерите да размислуваат инклузивно

513

Маја Ѓуреска и Антонија Гугинска-Јорданоска, авторки на „Во моите чевли“

„Во моите чевли“ претставува проект од инклузивен карактер чија цел е да ги истражи потребите и проблематиките со кои се среќаваат лицата со попречен вид, Даунов синдром и церебрална парализа во процесот на селекција и купување облека. Автори на проектот се модните дизајнерки Маја Ѓуреска и Антонија Гугинска-Јорданоска и Росица Колева, специјална едукаторка. Проектот завршува со изложба на модна фотографија, насловена „Во моите чевли“, утре, во 19 часот, во „Мала станица“.

Што согледавте, со какви тешкотии се соочуваат лицата со попречености?
– Потребите поврзани со селекцијата и купувањето облека кај овие лица се индивидуални и зависат од нивната состојба поединечно. Тие не можат да купуваат стандардна облека без да ја коригираат. А странските пазари веќе работат на продажба на инклузивна облека. Проблемите со кои се соочуваат овие луѓе се од ергономски и практичен карактер: стандардната должина и ширина на облеката, вратните отвори, кроевите на ракавите, висината на кутелот, стандардните калапи за чевли… Развиеноста на моториката влијае при облекувањето и се јавува потребата од посебни механизми и методи за закопчување, откопчување и облекување. За лицата со церебрална парализа и телесна попреченост, исто така процесот на купување облека е физички напорен, тие имаат потреба и од асистент што би им помогнал. Лицата со попречен вид, пак, се соочуваат со недостиг од информации за составот на материјалите, начинот на одржување, големината и бојата на производот, имаат потреба од помош за комбинирање на облеката и естетската вредност.

Кои стереотипи се обидувате да ги разбиете?
– Модната индустрија преку своите промотивни канали ги диктира трендовите на дефинирање на убавината. Лицата со попреченост едноставно се изоставени од овој сегмент, а нема реална причина за тоа. Стереотипите се однесуваат и на местото на овие лица во општеството. Сакаме да им помогнеме така што тие ќе ги уживаат сите права и задоволства како и другите луѓе: да можат да отидат во продавница, да бидат услужени соодветно, разбрани од страна на вработените и со нивна помош да одберат парче облека што ќе биде за нив адаптирано и ќе соодветствува на нивниот естетски израз.

Како да се надминат овие проблеми?
– Голем дел од малопродажниот сектор не нуди услуга за корекција и адаптација на облеката на потрошувачите, која е особено значајна за лицата со попреченост. На домашниот пазар нема специјализиран бренд што се занимава со производство или продажба на адаптирана облека. Продажните агенти не се соодветно обучени за услуга и помош на лица со попреченост. Тука треба да се работи.

На кој начин вие се обидувате да го промените светот?
– Најважно е да прифатиме дека сите сме различни и оттаму да почнеме да си помагаме меѓусебно. Проектот „Во моите чевли“ ја има оваа идеја како главна цел. Сакаме да ги охрабриме малопродажните места, како и текстилните фабрики и дизајнери, да започнат да размислуваат и да дејствуваат инклузивно. Голем дел од малопродажните места нема рампи за лицата со помагала или, пак, гардеробите не им се со адекватни пропорции, па лицата што користат колички автоматски се исклучени од процесот на купување.