Да бидеме особено внимателни во односот со децата

396

Во овие денови на психички притисок треба слободно да зборуваме за нашите чувства, но и да побараме поддршка од блиските, што ќе ни помогне не само да го споделиме емотивниот товар поради ситуацијата туку и да добиеме социјална поддршка, вели Младеновска Димитровска

Марија Младеновска Димитровска, психолог

Случувањата поврзани со пандемијата на коронавирусот во светот, несомнено придонесуваат за зголемување на стресот кај луѓето, кои се соочени со висок степен на анксиозност од настанатата ситуација. Повеќето од нас деновиве чувствуваат: страв, вознемиреност, неспокојство, депресивност, немоќ, чувство дека немаме контрола врз она што се случува околу нас.

– Спектарот на реакции на стресот е широк и покрај емотивните промени, кај луѓето има и промени во расположението и однесувањето. Тие можат да бидат придружени со промени на когнитивен план, како конфузност во мисловниот процес, проблеми во концентрацијата, вниманието, брзо менување на ставовите, катастрофални очекувања, како и проблеми со апетитот, несоници, претерано консумирање алкохол и други психоактивни супстанции. Можат да се јават и психосоматски нарушувања, главоболки, проблеми со дигестивниот систем, зголемен крвен притисок. Тоа се типични реакции на состојба на стрес и криза, кои доколку траат подолг временски период можат да резултираат со сериозни психички проблеми, како на пример појава на анксиозно-депресивни нарушувања, панични напади, појава на фобични растројства, хистерични растројства – вели психологот Марија Младеновска Димитровска.

Според неа, за да ја надминеме оваа состојба, покрај грижа за физичкото здравје, зголемено ниво на лична хигиена и почитување на препораките на лекарите, потребно е да се грижиме и да го зачуваме нашето психичко здравје.
– Пред сѐ да ги задржиме присебноста и контролата над ситуацијата и над самите себе. Да не реагираме панично, затоа што во таква состојба сме во можност разумно да резонираме и да носиме одговорни одлуки. Потребно е ситуацијата одговорно и свесно да ја прифатиме, да внимаваме на нашето однесување, да ги следиме насоките на лекарите, да ја издигнеме свесноста дека за некои работи самите сме одговорни. Да ја прифатиме реалноста, да не ја негираме сериозноста на ситуацијата и да не се однесуваме неодговорно и ноншалантно – посочува Младеновска Димитровска.
Бидејќи од час на час сме бомбардирани со разни информации, според неа, потребно е критички да ги примаме оние вести од непроверени извори, шпекулации и лажни вести.

– За да го редуцираме нивото на стресот, важно е да го ограничиме и времето што го поминуваме пред компјутерот. Тоа нема да ни помогне, туку само ќе ни го зголеми нивото на стресот и анксиозноста, па дури и ќе резултира со панични напади и психисоматски нарушувања. Многу важно е да бидеме свесни за сопствените чувства и стравови и да не ги криеме, да не се спречуваме да ги изразиме, туку да ги споделиме со најблиските. Да не чувствуваме срам, затоа што сме исплашени, збунети, дезориентирани, испаничени, анксиозни, депресивни, туку слободно да зборуваме за нашите чувства – порачува Младеновска Димитровска.
Таа истакнува дека е многу важно да се соочиме со нашата анксиозност, затоа што нејзиното негирање може да предизвикува нејзино зголемување, а тоа, пак, ќе предизвика одредени дополнителни состојби и психички нарушувања, кои можат да произлезат од подолготрајна состојба на анксиозност. Особено треба да бидеме внимателни во нашиот однос со децата.

– Децата се особено чувствителни и може да имаат трајни психолошки последици, особено во вакви ситуации кога ја чувствуваат вознемиреноста на родителите, а и самите се чувствуваат така. Дури и најмалите деца, кои можеби не можат да ја разберат целосно ситуацијата, на емотивен план во голема мера ја чувствуваат. Затоа, родителите внимателно треба да им објаснат на децата што се случува, приспособено на возраста на детето, а притоа да ги уважат нивните чувства. Треба да се обидат да им влеат оптимизам и чувство на сигурност, бидејќи родителите се основниот извор на таа базична сигурност на децата – вели психологот.
За надминување на стресот, како што вели таа, постојат различни стратегии, кои можат да се поделат во две групи: насочени кон решавање на проблемот и стратегии насочени кон соочување со емоциите.

– Најчести стратегии за надминување на стресни ситуации се: конфронтирачко надминување, односно директен напор да се измени ситуацијата и соочување со неа, барање социјална поддршка што вклучува барање емоционална поддршка и информации од друго лице, планирање на надминувањето, кое е насочено кон проблемот и можностите што ни стојат на располагање за негово надминување, самоконтрола, дистанцирање, пронаоѓање позитивно значење на стресното искуство, прифаќање на личната одговорност во стресниот настан, внесување напор за избегнување или бегство од стресот. Во оваа ситуација со епидемијата, но и во низа други стресни ситуации, најефикасно е комбинираното користење на мултипли-стратегии – објаснува Младеновска Димитровска.
А доколку и покрај сѐ, не можеме да се справиме со ситуацијата и анксиозноста, таа сугерира да побараме стручна психолошка помош и поддршка, која во ваква состојба на изолација може да се добие и на алтернативен начин преку користење електронски и социјални медиуми.