Дали градовите можат да се справат со инвазијата на електрични скутери

996

Поефтини се такси, полесни за ракување од велосипеди и попрактични од автобуси. Но, со зголемување на бројката на несреќи со електричните скутери, сè посилни се реакциите за регулативи при нивното користење

Во последните 18 месеци, поголемиот дел од светските метрополи, вклучувајќи го и Скопје, се соочуваат со наплив и нагло зголемување на корисниците на електричните скутери. Но, со големата бројка на луѓе на овие релативно небезбедни возила се зголеми и бројот на инциденти, па дури и на смртни случаи кои предизвикаа силни реакции на некои места во светот, информира британски „Гардијан“.

Опасноста при возењето на скутерите во големите сообраќајни метежи на светските метрополи уште еднаш се потврди и со инцидентот на 35-годишната презентерка и креаторка на содржини на „Јутјуб“, Емили Хартриџ, која загина во судир со комби во Лондон. Исто така во јуни, Париз, кој се смета за место каде електричните скутери се најраспространети, ја имаше првата фатална несреќа од ова превозно средство.

– Се поставува прашањето дали електричните скутери или е-скутерите се витален дел од модерниот, урбан транспорт или се непотребен ризик, создаден од изумителите за да го нарушат статусот-кво на пазарот – се прашуваат од „Гардијан“.

Светските метрополи веќе дејствуваат во однос на ова прашање, па така полицијата во дански Копенхаген започна кампања за информирање за е-скутерите, а полицијата спроведува проверки и регулира дали возачите на ова ново инвентивно возило се под дејство на алкохол. Слично е и во Париз и Минхен, каде полицијата се обидува да воведе ред при хаосот кој го создаваат.

Засега, поголемите градови ги регулираат електричните скутери слично како велосипедите, но во следниот период неопходно е да се најде начин како безбедно да се имплементира ова ново возило во урбаниот хаос на светските метрополи.