Дали Астерикс и Обеликс го предвиделе коронавирусот?

261

Во стрипот од 2017 година, Астерикс и Обеликс мораат да победат во трка со кочии, а главниот соперник доаѓа од Италија, носи маска и се вика Коронавирус

Авторите на популарниот стрип „Астерикс и Обеликс“ во една епизода од 2017 година ја предвиделе епидемијата на коронавирусот во Италија. Всушност, станува збор за интересна приказна за тоа дека понекогаш уметничката креативност оди пред своето време. Станува збор за епизодата „Астерикс и трката на кочиите“ на авторите Жан Ив Фери и Дидие Конрад, кои низ целиот свет го прославија стрипот за јунаците од последното галско село, кое ѝ се спротивставува на Римската Империја на Јулиј Цезар.

Заплетот е едноставен – Астерикс и Обеликс мораат да победат во трката, а главниот соперник доаѓа од Италија, носи маска и се вика Коронавирус! Вистинската приказна е навистина впечатлива. Како и сите уметници и новите автори на „Астерикс и Обеликс“ сакале да остават сопствен авторски печат, па во спорната епизода, од само ним познати причини, на антихероите им давале имиња од светот на микробиологијата.

Главниот противник на Астерикс и Обеликс во трката со кочиите, се вика Коронавирус, но тоа му е уметничко име. Кога не вози кочија се вика Тестос Тероне (по хормонот тестостерон). Помошникот на Коронавирус се вика Бацилус, а лошиот сенатор што ја организира трката се вика Лацидус Бифидус, по истоименото семејство бактерии, што се наоѓа во човековиот систем за варење. Зошто авторите ги избрале токму овие имиња не е познато, иако е познато дека за време на објавувањето на оваа епизода во 2017 г., во медиумите била присутна епидемијата на коронавирусот МЕРС на Блискиот Исток.