Давор Јордановски во Торонто го промовира новиот албум

425
Фото: Золен Георгиевска

На канадската промоција на „Dix Nocturnes Pourpres“ присуствуваа и негови колеги музичари од САД, Романија и од Македонија

Македонскиот музичар Давор Јордановски, кој веќе петнаесетина години живее и гради успешна кариера во Канада, неодамна го издаде својот петти албум, насловен „Dix Nocturnes Pourpres“. На промоција во Торонто присуствуваа и негови колеги музичари од Македонија, Романија и од САД.
– На 25 јануари во организација на „Груп ентертејмент“, во Торонто се одржа промоцијата на мојот петти албум „Десет пурпурни ноктурна“. Станува збор за инструментален пијано-албум со десет оригинални композиции, кои прозвучија во полната сала на замокот, а за прекрасната атмосфера придонесоа и моите драги музички гости. Сакам да споменам дека извонредната обвивка на албумот е дело на уметницата од Скопје, Микица Трујкановиќ. Всушност, тоа е слика со димензии 2 на 2 метри – вели Давор.

На концертот бендот изведе музички дела и од претходните четири албуми: „Hypnotic and Enticing“ (2003), „Roadless Journey“ (2006), „Under The Influence so Vickie van Dyke“ – 2018 и „Voda so Voda“ – (2019).
– Тоа беше прекрасна вечер исполнета со многу музика, радост и среќа. Предгрупа беше Мајки Фридман, џез-гитарист, кој се претстави со сет од негови композиции, а потоа jaс имав соло-претставување, со получасовна изведба на композиции на синтисајзери и семплери од мојот прв и втор албум. Одлична атмосфера се создаде кога мојот бенд, во состав Фло Клонта, саксофон, Кире Најдовски, гитара, Оги Георгиевски, гитара, и Алек Секуловски, тапани, ми се приклучи на бината и отсвиревме едночасовен инструментален концерт со оригинални композиции. Потоа Васил Гарванлиев ни помогна да ја заокружиме вечерта, пеејќи ги заедно со публиката неговите хитови „Патувам“, „Ѓердан“, „Колку сакам“ и други – ни долови дел до атмосферата на промоцијата Давор.

Веќе на 29 февруари Јордановски ќе одржи уште еден концерт во замокот „Ајви“ во Торонто, каде што во придружба на неговиот бенд „Вода“, концертно ќе го претстави материјалот од истоимениот албум што излезе минатата година на винил и кој може да се најде во продавниците за плочи во Македонија.

Овој неуморен музичар во моментов е ангажиран на неколку проекти што ги подготвува за „Сони мјузик Канада“, а работи и на музика за неколку филма.
– Неколку проекти се во тек во моментов, но за дел од нив не смеам да зборувам поради договорите за дискретност. Но, сепак, можам да го споменам новиот албум на триото „Лес Чиклетес“, каде што сум аранжер и продуцент, како и албумот „Sunrise and The Good People“ на бенд од Монтреал, со кој снимивме неколку песни за серијата на Нетфликс, „Д ројалс“ – ни откри Давор некои од своите проекти.
Тој е задоволен што неговиот албум „Вода“ наиде на одличен прием кај канадската публика, а веќе има понуди од неколку џез-фестивали во Канада и САД за настапи годинава.