Групата „Мулен руж“ од Струмица гостуваше на карневал во Германија

648

Групата „Мулен Руж“, која на минатогодишниот Струмички каревал беше меѓу првонагардените, со групната маска насловена „Чекор напред“, по покана на организаторите од Котбус, Германија, беше гостин на неодамнешната карневалската фешта во овој град, што се одржа на 23 февруари.
– Пораката преку оваа маска беше да се претстават сите членки-држави на ЕУ со карактеристичен белег и цвеќе на државата. Овие елементи беа изработени на капите на карневалистите. Во маската беше вметната и нашата земја, со желби за пристапување во европското семејство. Маската беше забележана од гостите-карневалисти од Германија и групата „Мулен Руж“ доби специјална покана да учествува на карневалот во Котбус.

Имавме можност на 21 и на 22 февруари да ги презентираме костимите и на карневалските забави во Велзоф и Комптендорф. Во недела се одржа главната карневалска парада во Котбус, каде иако врнеше, улиците беа преполни со публика, која уживаше во карневалскиот амбиент. Домаќините ни го обезбедија тридневниот престој во Германија, а со нас беше и претседателот на ОО на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов, кој исто така е член на Бордот на Европската унија на карневали (ФЕЦ) – изјави Анита Станковска, членка на групата „Мулен Руж“ од Струмица.
По завршувањето на карневалската поворка, групата им ги подарила своите костими на организторите кои го овозможија нивниот престој и учество на карневалот.

Во моментот тие се дома во Струмица и се подготвуваат за учеството на јубилејниот Струмички карневал, што почнува утре.

– Нашата група постои од 2003 година, има 24 члена, од 7 до 61 година, и сите сме со различни професии. Инаку нашите групни маски, од идеја до реализација се заедничко дело, и ги изработуваме самостојно во домашни услови. Редовно учествуваме на Струмичкиот карневал и досега неколкупати сме наградени. Минатогодишното прво место во „В“ категорија, од 20 до 30 учесници, нѐ мотивираше и годинава да направиме интересна, едукативма маска, со еколошка порака, што ја насловивме „Сѐ е во наши раце“ – ни рече Анита Станковска.

М.Т.