Град-раскрсница низ кој минуваат патиштата кон Западна и Источна Европа

166

Репортажа: Стразбур

Околу 18 часот стивнува мешаницата, па во подоцнежните часови прошетката покрај каналите и на главниот плоштад е уште поубава

Стразбур – бајковиден град, кој уште го нарекуваат и град-раскрсница – е сместен на две реки, Лил и Рајна, меѓу планините Вож и Шварцвалд, и е космополитски центар на покраината Алзас во Франција. Тука се наоѓаат и седиштето на Европскиот парламент, Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права. Има одлична комуникација и низ него минуваат патиштата кон Западна и Источна Европа.
Првото што го видовме беше големата вила на Жозефина, љубовницата на Наполеон, вистинска атракција за туристите, со голем парк околу неа. Потоа следуваа посета и фотографирање за спомен пред Европскиот парламент, па разгледување на другите европски институции.

Нашата група беше сместена во хотел во центарот на градот, кај малата црква „Нотр дам“, а прошетката низ градот ја започнавме од градската куќа. За време на обиколката на неколку помали плоштади ги разгледавме автентичните градби, мешавина од готски и ренесансен стил, но вниманието ни го привлече катедралата „Нотр дам де Стразбур“, шеста по височина во светот, која се смета за ремек-дело на готската архитектура. Долга е 144 метри, а сегашниот изглед го добила по четири века градба. Изгледа како челична инсталација со милијарди детали и предизвикува восхит кај туристите, а забележавме дека на одредени делови се вршат и реконструкции. Буквално, во кој дел од градот да си, таа се гледа и е одличен ориентир по стразбуршките улици.

Францускиот поет Пол Клод ја нарекол „ангел што лебди над градот“, додека Виктор Иго ја именувал како големо чудо, односно величествен спој на гигантизам и на деликатност. Како што изминуваше денот така бојата на катедралата се менуваше, во зависност од синилото на небото.
На истиот овој плоштад се наоѓа и најубавата куќа Камерзел, необична, со дрвени детали и уникатни прозорци.

Оттука продолжуваме кон делот од градот насловен Петит Франсе, односно Мала Франција, каде што се забележува францускиот стил во градбата на објектите. Поминуваме покрај канали, куќи со дрвени елементи, цркви, музеи, мостови… и стигнуваме до Мала Франција, каде што реката се дели на четири дела и каде што ни остави впечаток Покриениот мост. Отспротива е браната „Ваубан“, изградена уште во 1690 година, со тераса на врвот, од каде што се протега фантастичен поглед на Мала Франција, област со голем број ресторани, продавници, кафулиња, мали тесни улички, по кои е задоволство да се движиш.
Додека трае прошетката, можеш да слушнеш повеќе светски јазици. Но, така разговарајќи, се среќаваме и со други Македонци, кои биле на гости во друг француски град, а дошле да прошетаат и низ Стразбур, град со три универзитети, со двонационална и двојазична култура.

За жал, тука рано затвораат не само продавниците туку и поголемиот дел од кафулињата, во кои може да се вкуси вкусно еспресо, макијато или пак традиционалните француски вафли, но и познатото и рајнско вино… Околу 18 часот стивнува мешаницата, па во подоцнежните часови прошетката покрај каналите и на главниот плоштад е уште поубава. Помирно е и можат да се разгледаат знаменитостите, затоа што центарот е огледало на минатото на градот, со готски градби, споменици од средновековна ренесанса, но и зданија на кои се забележува влијанието на германската архитектура.

Во Стразбур можете да ги посетите уште и Музејот на модерната уметност, палатата Рохан, Музејот за декоративна уметност, неколкуте парка…

Полека изминува денот за прошетка. Се враќаме во хотелот со извонредни впечатоци за Стразбур, градот пристаниште и индустриски центар, во кој се развиени бродоградбата и машинската, текстилната и печатарската индустрија.

Сите во групата сме под импресија на посетата на еден од главните градови на обединета Европа, каде што повторно би се вратиле за да уживаме во неговиот шарм и убавина.