Го живеам својот американски сон

1582
Фото: Џеф Герев

Кире Најдовски, гитарист и композитор

Кире Најдовски е македонски гитарист и композитор, кој последните 13 години живее и работи во САД, каде што за кратко време изгради успешна музичка кариера. Во моментот настапува со своето трио, како и со бендот на познатиот американски басист Били Шијан. Во Македонија тој беше дел од групите „Ласт експедишн“, „ДНО“, „Нон стоп“ и „Сешн селекшн“. Од моментот кога на 9 години првпат во рака ја зел гитарата, па досега, кога настапува со врвни светски музичари во САД, тој вели дека го живее својот (американски) сон.

Сте соработувале со многу македонски пејачи и групи, сте биле дел од многу проекти, концерти, гостувања. Што би издвоиле како важно за вашата кариера?
– Првиот јавен настап го имав во раните 1990-ти, со брат ми свиревме на електрични гитари, во кафе-барот „Оскар“ во скопската населба Аеродром. Сигурно многу наши пријатели уште се сеќаваат на тие прекрасни забави. Инаку, бев дел од доста успешни македонски групи, но би ја издвоил „Ласт експедишн“, која ме стави на мапата на домашната музичка сцена како гитарист. Ѝ се приклучив на „експедицијата“ во периодот кога почнавме да го подготвуваме албумот „Box“, познат како „Шефе“. Прекрасно искуство и незаборавни моменти што и ден-денес не можат да се надминат. Подоцна следуваше мултикултурниот проект „Ексик“, свирките со „ДНО“, краток период со „Нон стоп“. Сепак, важен момент во усовршувањето на моите гитарски вештини беше соработката со „Сешн селекшн“, долги години најдобриот и најпознатиот кавер-бенд во Македонија, работилница на музичари што и денес е врв во македонската популарна музика.

Кога почна вашата американска приказна?
– Тоа беше пред 13 и пол години. Знаев дека нема да биде лесно, но ризикував, знаејќи со што ќе се соочам, и мислам никогаш не згрешив што го направив тој чекор. Живеам во Рочестер, град во западниот дел на државата Њујорк, во близината на водопадите на Нијагара и границата со Канада. Прекрасно место.

Дали го живеете својот американски сон?
– Да. Сепак, тој поим „американски сон“ за мене е релативен поим, зависи што подразбираме под тоа? Тој сон може да биде секаде ако работиме напорно, и имаме цел во животот. Инаку, воопшто не е лесен тој „сон“, знае да биде и многу суров! Меѓутоа сега овде ми е вториот дом, веќе пуштив корени. Среќен сум тука и секогаш се обидувам да ги балансирам убавините и позитивните работи што ги носам од кај нас и овдешните, за да направам еден добар спој на енергии.

Во моментот сте дел од бендот на Били Шијан, познат светски басист, кој соработувал со големи светски музичари како Дејвид Ли Рот, мистер Биг, Стив Вал, „Д вајнари догс“, „Санс оф Аполо“… Какво е чувството да сте меѓу најдобрите музичари на планетата?
– Дел сум од „Талас“, првиот и оригинален бенд на светската музичка легенда Били Шијан. Искрено, повеќе од привилегија и чест е да се биде дел од овој состав, тоа е сон на илјадници гитаристи! „Талас“ во 1980-тите имал големо влијание на многу еминентни музички имиња. Кога момците од бендот во 2017 одлучија да прават „Талас реунион“ (Talas reunion), одлучија да ме ангажираат мене како гитарист, што за мене значеше остварување на еден голем сон! Меѓутоа во исто време, тоа беше и огромен притисок, позиција што требаше да ја оправдам. За среќа, таа талас-приказна продолжува и понатаму. Групата има илјадници обожаватели низ САД, Канада, Јапонија… Имаме многубројни планови за во иднина и со нетрпение ги чекам новите настапи, како и новиот албум што ќе почнеме да го подготвуваме наскоро.

За време на многубројните настапи, гостувате и во клубови каде што свирел и легендарниот Џеф Бек. Дали, меѓу другите, тој е ваш музички идол?
– Џеф Бек е едно од моите поголеми музички влијанија. Пред неколку години издаде ДВД од настапите во „Иридиум“, посветен на Лес Пол, човекот што го смени текот на музичката историја и креаторот на електрична гитара, поточно брендот „гибсон“. Фактот дека во март годинава имавме три настапи едноподруго со „Талас“ во „Иридиум“ во Њујорк, еден од најлегендарните и најпрестижните клубови во светот, само ги направи работите неверојатни! Тоа е клуб преполн со историја, листата на изведувачи што настапувале таму е предолга да се набројува.

Кој е вашиот најголем успех досега?
– Па сигурно тоа се настапите на „Талас“. Секој концерт е незаборавен. Со оглед на тоа што сум на бина заедно со Били Шијан, Марк Милер, Фил Наро и на последната турнеја како специјален гостин на гитара го имавме виртуозот познат како Бамблфут, поранешен член на „Ганс енд роузис“, ги прави работите незаборавни. Многу познати личности дојдоа да нѐ видат, особено во „Иридиум“ во Њујорк, што за мене претставуваше врв. По една од свирките со „Талас“ во овој клуб добив и отворена понуда да свирам гитара за легендарниот тапанар Кармејн Аписи, кој меѓу другите свирел и со Џеф Бек. Сепак покрај со „Талас“, соработувам и со Ал Чез и „Д брадерс оф фанк“. Ал Чез е еден од најдобрите трубачи во САД. Тој беше дел од составот на Пол Шејфер во легендарното американско забавно шоу на Дејвид Летерман. Врвни музичари се дел од овој состав, неверојатно искуство во секој поглед. Сепак, за мене најголема е поддршката од публиката и обожавателите. Нивните комплименти ми значат најмногу и кога гледам колку го ценат и вреднуваат тоа што го правам, тоа ме поттикнува наредниот пат да бидам уште подобар.

Дали и самиот компонирате и кога ќе снимите носач на звук што ќе ве поврзе со корените, со Македонија?
– Да, компонирам, повеќе сум ориентиран кон гитарската инструментална музика. Во март 2015 г. го издадов мојот прв соло-албум „Arrival“, со девет оригинални инструментални композиции, а направив моја верзија на нашата традиционална песна „Судбо моја“. Мислам дека ја најдов сопствената формула, без да чепкам во нашиот фолклор. Со мојот римејк на „Судбо моја“ мислам дека го одбранив мојот став. Во моментот работам на вториот соло-албум со моето трио „Кире Најдовски бенд – КНБ“ и се надевам дека наскоро ќе имам уште еден носач на звук, кој со нетрпение очекувам да го претставам пред пошироката јавност.