Занимливости

91

Големо Зимбабве

Големо Зимбабве е антички град во јужниот дел на Африка, во денешната држава Зимбабве. Градот бил центар на средновековната империја позната како Мономатапа, која се простирала на територијата на денешните држави Зимбабве и Мозамбик. Големо Зимбабве било политички центар со кралска палата, како и со верски и трговски центар. Тој е изграден од големи гранитни камења и е опкружен од бедем, кој е висок 5 метри, а неговите жители ги почитувале предците и им принесувале жртви за време на ритуалите. Истражувачите веруваат дека градот се протегал на 1.784 хектари површина и имал околу 20.000 жители. Големо Зимбабве било напуштено во 1450 години, а од страна на Европејците било откриено во 1871 година, меѓутоа белата расистичката власт не им дозволувала на археолозите да го истражуваат. Денес Големо Зимбабве е национален споменик, а од 1986 година се наоѓа на листата на УНЕСКО како еден од спомениците на светското наследство.


Црн носорог

Црниот носорог живее во централниот и источниот дел на Африка, на територијата на државите Намибија, Јужноафриканската Република, Танзанија, Камерун, Кенија и Зимбабве. Неговото име честопати предизвикува збунетост, бидејќи има бело-сива боја на кожата, а името го добил за да се разликува од белиот носорог. Од 2006 година еден од четирите вида на црниот носорог се наоѓа на листата на изумрени видови, а денес се претпоставува дека има околу 4.000 единки од црниот носорог. Неговата тежина е од 700 до 1.400 килограми, а неговата висина е околу 160 сантиметри. Неговиот преден рог има просечна должина од 60 сантиметри, но понекогаш достигнува и должина од 140 сантиметри. Црниот носорог се храни со растенија, гранки, грмушки и овошје.


Калахари

Калахари е голема песочна савана во југоисточниот дел на Африка, која се простира на 900.000 квадратни километри и опфаќа делови од државите Боцвана, Намибија и Јужноафриканската Република. Името го добива од зборот кгала, кој потекнува од јазикот цвана, со значење голема жед, бидејќи во најголемиот дел од Калахари не може да се пронајде вода. Единствената река што минува низ Калахари е Окаванго, која тече од северозапад кон југоисток и исчезнува во пустинскиот предел во вид на мочуриште, кое е богато со растителен и животински свет. Во Калахари има големи резерви на јаглен, ураниум и никел, а еден од најголемите рудници на дијаманти во светот се наоѓа во североисточниот дел на Калахари.


Орање

Орање е најголемата река во Јужноафриканската Република. Од страна на Европејците била откриена во 1760 година и била именувана според холандската кралска династија Орање-Насау. Таа извира во Дракенсберг, на границата помеѓу Лесото и Јужноафриканската Република, на околу 200 километри од Индиски Океан и на надморска височина од 3.000 метри, а е долга 2.200 километри. Во Лесото реката е позната како Сенчу и еден дел од неа замрзнува во зима поради големата надморска височина.


Рувензори

Рувензори е планинска верига во Африка, на границата помеѓу државите Конго и Уганда. Рувензори понекогаш се идентификува со легендарните Планини на Месечината, за кои во антиката се верувало дека се изворот на реката Нил. Рувензори настанала пред околу три милиони години, како издигнат блок од кристални карпи од гнајс, гранит и кварц, а издигнувањето ги создало денешните езера Џорџ, Алберт и Едвард. Планинската верига е широка 65 километри и долга 120 километри, а се состои од шест длабоки клисури. Растителноста на Рувензори се состои од планински ливади, снегови и тропска дождовна шума, а најголемиот дел од планинската верига од страна на УНЕСКО беше прогласен за светско наследство