Годинашниот „Скопски џез-фестивал“ – уникатен и со храбра програма

212
„Дејвид Мареј квартет“ со Саул Вилијам

Традиционалниот „Скопски џез-фестивал“ годинава ќе се одржува од 17 до 21 октомври на две локации, Македонската опера и балет и Младинскиот културен центар. Според организаторите, главните карактеристики на ова фестивалско издание ќе бидат ексклузивноста, уникатноста и храбрата програмска ориентација.

– Речиси сите концерти што ја сочинуваат програмата на фестивалот се специјални и ексклузивни по својот карактер и не претставуваат дел од турнеите на музичарите. Исклучок е настапот на „Дејвид Мареј квартет“ со Саул Вилијам, што ќе го означи почетокот на нивната европска турнеја. Најдобриот британски џез-пијанист денес, Александер Хокинс, доаѓа од Лондон во Скопје само за еден пијаноџез-рецитал. Иновативниот гитарски херој Арто Линдзи пристигнува од Рио, каде што живее кога не живее во Њујорк, а во Скопје ќе му се придружи извонредниот норвешки тапанар Рал Нилсен-Лав, еден од најактивните и најпродуктивните скандинавски музичари во последните две децении – велат од „Скопскиот џез-фестивал“.

Од Њујорк доаѓа веројатно најзначајниот и најкреативниот жив музичар во светот денес, трубачот Вадада Лео Смит, за единствена европска аудиовизуелна изведба на неговото ремек-дело „Reflections and Meditations on Monk“. Ексклузивен европски настап ќе има и култната њујоршка тројка Хериет Табман, предводена од еден од водечките светски џез-гитаристи, Брендон Рос.

Специјален гостин на фестивалот е некогашниот лидер на култните „Соник јут“, гитарскиот гуру Тарстон Мур, една од највлијателните, најинспиративните и најреспектираните фигури на денешната музичка сцена.

– Со ексклузивни концерти ќе се претстават и младата скандинавска сензација, данската саксофонистка Мете Размунсен, уникатниот многуброен женски вокален состав „Тронхајм војсес“ со својот впечатлив аудиовизуелен перформанс, како и специјалното трио на многу фалената португалска трубачка ѕвезда Сузана Сантос Силва со извонредниот холандски саксофонист, кларинетист и композитор Аб Баарс и со најдобриот џез-перкусионист во 2018 година според списанието „Даунбит“, чикашката легенда Хамид Дрејк. Од Финска, пак, за еден концерт доаѓа возбудливото и динамично џез-трио „Mopo“ – најавуваат организаторите.

Последната фестивалска вечер е резервирана за Тони Китановски. Одбележувајќи ја 30-годишнината од почетокот на своето музичко патешествие, тој ќе настапи прво со својот најнов проект, квинтетот „Панда 5“ промовирајќи го во живо новиот албум „Big City Scare“, а во вториот дел ќе му се придружат некои од неговите најзначајни музички пријатели и соработници: Американците Џон Сас (туба) и Дејв Вилсон (саксофон), Перуанецот Пиеро Епифаниа Осамбела (кахон), како и добропознатите балкански ѕвезди Васил Хаџиманов (пијано) и Асан Рашит (труба).


Родова еднаквост во џезот и креативна музика

Фестивалот годинава има и богата придружна програма: доделување на наградата „златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2018 година, промоција на албумот „Big City Scare“ на новиот состав на Тони Китановски, како и отворање на изложбата „Духовите на Африка – ритуална западноафриканска уметност“, во соработка со Музејот на Македонија и Музејот на африканската уметност во Белград. Во рамките на 37-то издание на „Скопскиот џез-фестивал“, ќе биде промовиран и манифестот на Европската џез-мрежа за родова еднаквост во џезот и креативна музика.