Годинава родените на 29 февруари ќе го прослават својот роденден

156

Тукушто влеговме во престапната 2020 година, во која оние што се родени на 29 февруари ќе имаат можност да го прослават својот роденден.

Престапната е позната и како интеркаларна или бисекстилна година, бидејќи календарски содржи дополнителен ден што се додава, за да се синхронизира со астрономската или сезонска година. Во спротивно, Нова година со текот на времето би се прославувала во лето, а грозјето би зреело во декември и во јануари.

Први што ги усогласувале календарската и сончевата година и додавале по еден ден на секои четири години биле Египќаните. Од нив тоа го презеле Римјаните, кои одлучиле тој ден да биде 29 февруари.

Според народните верувања, престапната година сама по себе е баксузна, па не треба да се започнуваат сериозни зделки. Така, на пример, во Босна и Херцеговина во 1992 година, која беше престапна, почна војната, Јосип Броз Тито почина во 1984 г., која исто така беше престапна, а светската економска криза почна во 2008 година, кога февруари имаше 29 дена.

Најсмртоносниот земјотрес и цунами што ја погодија Индонезија беше во 2004 г. (престапна), кога настрадаа 275.000 луѓе. И бродот „Титаник“ потона во престапната 1912 година.

Меѓу некои народни верувања, во Грција, во текот на престапната година, не треба да се склучуваат бракови, бидејќи неславно ќе завршат. Но доколку партнерите се решат на тој чекор, според британските верувања, жената треба да го запроси мажот.
Различни земји на светот различно го решиле проблемот со прославата на роденденот на лицата родени на 29 февруари. Така, во Велика Британија и во Хонгконг родените на овој датум полнолетство официјално стекнуваат на 1 март во годината во која полнат 18 години. Во Нов Зеланд и во Тајван важи правилото дека во непрестапните години роденденот го слават официјално на 28 февруари.

Во Гинисовата книга на рекорди е забележано дека во семејството Кеог од Ирска, припадници на три генерации едноподруго се родени на 29 февруари. Во книгата се најде и норвешкото семејство Хенриксен, чии три деца се родени на овој ден.
На светот има околу 4 милиони луѓе родени на овoј датум, а тоа е приближно 0,0686 отсто од жителите на планетата. Инаку, овие луѓе се креативни и надарени за уметност, особено за глума, музика, литература, а имаат и развиена интуиција.