„Галија“, „Фрајле“, Влатко Стефановски на „Пивофест“ во Прилеп

247

Популарната македонска и балканска манифестација, фестивалот на пивото по 17-ти пат ќе се одржи, од 18 до 21 јули, во центарот на Прилеп, а ќе настапат популарни музички имиња како што групата „Галија“, „Фрајле“, „Кирилик“ и др. Годинашен организатор е агенцијата „Баги кимуникејшнс“. Како што информираа организаторите, иако се размислувало за друга локација, сепак „Пивофестот“ ќе се организира на досегашната локација, во центарот на градот на површина од 4.100 квадратни метри, со учество на повеќе пиварници од земјата и од странство.

– За сите генерации ќе има забава, и се надеваме дека ќе имаме голем број посетители – вели градоначалникот Илија Јованоски, истакнувајќи дека годинава нема да има огномет и дека средствата предвидени за тоа ќе бидат наменети за Клубот на лекувани алкохоличари.

Од „Баги кимуникејшнс“ посочија дека направиле програма за секој граѓанин, а ќе бидат застапени сите видови музика: рок, традиционална, рокенрол, алтернативна, поп-музика.

– Голем предизвик е да се организира ваков фестивал со 16-годишна традиција и до Белград е регионално најголем, а е и во врвот на најголемите македонски фестивали. Програмата ќе биде за сите генерации, со посебен акцент на локални и наши групи изведувачи. Фестивалот в четврток го отвораат „Прилепски еснафи“, потоа настапуваат Селимова Желчески, Ѓорѓе Давид и Ивана Негатив, а на крајот на првиот ден настапува рок-бендот „Галија“. В петок ќе пеат Ален Хасановиќ, Миле Кузановски, Кантурови и Цеца. В сабота настапуваат „Д хаундс“, „Влатко Стефаноски трио“, „Фрајле“ и Тамара Тодеска. Последната вечер се Бен Хур, Кал Бенд, Сања, Маринко и Зец од „Нови фосили“ и фестивалот го затвора „Кирилик“. Има барања од туристички агенции од Скопје и досега има најава на гости од Грција и од Бугарија, а допрва очекуваме најави на посетители. Ќе се организира и посета на сиот дипломатски кор во земјава. Направени се контакти со Стопанската комора на Македонија, со Прилепската регионална комора и со македонската туристичка комора. „Пивофест“ од годинава мора да влезе во понудата на туристичките агенции и работиме Прилеп да стане регионален центар на фестивалот на пивото – рече Владимир Мандичевски, од агенцијата „Баги“.

Најавена е и богата алтернативна програма.
– Ставаме акцент на алтернативните настани како можност да се издигне фестивалот на повисоко ниво за да се развијат креативниот туризам и креативните индустрии. Ќе има и сервис за посетителите за информации за сите достапни институции, како хотелите, рестораните, службите на итна помош, на полицијата. Ќе има штанд за „изгубено-најдено“, ќе има „Пејн-бол – арена“ достапни 24 часа, се воведува играта „Пивопол“ во вечерните часови пред почетокот на главната програма, а првпат ќе има и активна детска зона. Во текот на денот ќе има летна забава во аквапаркот, а во Паркот на револуцијата, пак, ќе биде активна „кампинг-зоната“ за сите што ќе кампуваат на фестивалот, а за младите во ноќите до раните утрински часови ќе има алтернативна програма на камената бина на плоштадот „Александрија“. За време на фестивалот, со познатото вовче ќе има презентација на културните знаменитости на Прилеп – најавува Јана Јанеска-Ристеска.

Мотото на фестивалот е „За добра мисла“. Буџетот што го одвојува локалната самоуправа е 2,5 милиони денари за покривање на авторските хонорари на учесниците.