„Галичката свадба“ – најтрадиционален фестивал во Европа

207

Во своето опстојување манифестација придонела за негување на традицијата на жителите од овој крај, за да се зачуваат изворните песни, ора, и надалеку познатата галичка носија, наведува магазинот „Нешнал џиографик“

„Галичката свадба“ е најтрадиционален свадбен фестивал во Европа според оцените на магазинот „Нешнал џиографик“.
– Секоја година малата планинска заедница во Македонија ja слави унијата на една специјална двојка – пишува „Нешнал џиографик“.
„Галичката свадба“ или Петровденската галичка свадба, се вели во написот, е манифестација што се одржува секоја година на Петровден (12 јули) во селото Галичник на планината Бистра.
– Во недела наутро, неколку часа пред завршувањето на свадбениот фестивал во селото Галичник, Македонија, младоженецот и неговиот кум одат во шумата за да ги достават последните покани на церемонијата. Тоа е средината на јули и групата е облечена во тешки туники и бели волнени панталони, а придружена со музичари, кои свират на дрвени рогови и на тапани – пишува „Нешнал џиографик“.

Како и речиси секој ритуал и обичај за време на дводневниот собир повикувањето духови од минатото им пркоси на повеќето метрики на модерната логика. Но, за домаќините, илјадници луѓе во дијаспората и посетителите запознавањето со дефинитивно застареното наследство ја прави прославата посебна. Убавината лежи во одвојувањето време за да се приспособи и повторно да се почувствува стисокот на традицијата и на културата, се наведува во статијата на познатиот светски магазин.
„Галичката свадба“ изобилува со многу единствени свадбарски обичаи и ритуали.
Во своето опстојување оваа манифестација придонела за негување на традицијата на жителите од овој крај, за да се зачуваат изворните песни, ора, и надалеку познатата галичка носија – изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите.
Секоја година посебна комисија избира двајца млади, кои ќе се венчаат на „Галичката свадба“. Еден од предусловите е барем еден од нив да потекнува од галичко семејство.