Времево е гладно за љубов и за хуманост

200

Милица Кузмановска, интерпретаторка на народна музика

За пејачката Милица Кузмановска, која со својот карактеристичен глас долги години ги разубавува бисерите на македонската народна музика, периодов во кој живееме, на пандемија на коронавирусот, е изблик на креативност. Таа во моментот работи на три проекти, во кои ги вложува своето искуство, дарба и желба да остави нешто вредно и трајно за поколенијата.

Книгата на проповедникот вели дека постои време за сѐ во животот, но се чини ова е ваше време, вашите пет минути. Посакавте да ја наполните вашата музичка кутија, за што станува збор?
– Постои време за сé, да, апсолутно се согласувам. Тоа е точното и вистинско време што во себе ја носи вербата дека сѐ се случува во божествен тајминг, а вие сте таму каде што треба да бидете. Тоа и се случи кај мене, одеднаш многу идеи за соработка и работа на нови музички проекти. Набргу, моето второ авторско цеде ќе биде реализирано во соработка со композиторот и проф. Гоце Џуклески и композиторот Сашо Ливрински, кој е најмногу застапен како аранжер на песните. Следуваат Антологијата на македонската народна музика, по предлог за соработка на продукциската куќа „Мистер компани“, за што сум премногу возбудена поради одговорноста што овој проект ја носи со себе, и нешто малку поинакво, во друга димензија и перцепција за нашата традиционална песна, заедно со колегата и мултиинструменталист Ристо Тасев.

Оживувањето на бисерите на македонска традиционална музика е своевидна мисија, а нивната надградба може да биде вистинска уметност. Што ве поттикна на некои познати македонски народни песни да им дадете свој печат?
– Музиката, народната, и ова што го работам, секогаш сум ги сметала за уметност, таков е мојот личен однос кон неа и така ја прифаќам, како најголемо и најсвето богатство на мојот народ. Да ти се даде можност да работиш и со свој личен белег да придонесеш за нешто што со векови е матрица и код на постоењето на сопствената нација на која ѝ припаѓаш е пред сѐ голема одговорност, но и чест. Ова ќе биде моето вечно музичко творештво што ќе остане за идните генерации Македонци.

Велат убавиот глас не старее, па така и вашиот доби уште поубава, потопла боја, а карактеристичната ѕвонливост и пробивност останаа. Кој е најубавиот комплимент што сте го добиле за своето пеење?
– Чувствувам дека мојот глас ја достигна највисоката точка на зрелост и дека можам многу да дадам во облик на интерпретација и емоција, како уметник и жена што знае што сака и може, како плод на мојата бесконечна љубов и посветеност на музиката и „растењето“ рака под рака со неа. Најубавиот и најчесто повторуван комплимент, кој најмногу ме допира и радува, е идентификувањето на мојот глас со звукот на виолината.

Вашето духовно растење низ годините е дополнето и со желбата да му се подаде рака на друг, да се биде хуман…
– На светот му го даваш тоа што го имаш во себе, а времето и општеството во кои живееме денес и оваа парадигма на постоење се гладни за љубов и за хуманост.
Вашите размислувања за животот, среќата, љубовта… ги ставивте на хартија и веќе сте авторка на текстовите на некои свои песни. Какви се реакциите?
– Во последно време уживам во пишувањето текстови, како нова форма на креативност, тука гледам суптилна можност да кажам нешто повеќе за себе. Од текстовите за песни што сум ги напишала досега, најубави реакции има оној за песната „Ти си моја среќа“, изведена на „Роса фест 2019“, можеби затоа што зборува за една безусловна љубов што сите ја чекаме во животот и многумина се пронајдоа во зборовите.

Соработувате со голем број колеги, музичари, автори, пејачи. Имате ли вистински пријатели меѓу нив?
– Ги сакам сите колеги, а се изродиле и многу искрени пријателства изградени на заемна почит, кои траат до ден-денес. Луѓето ги прифаќам такви какви што се, не сакам некој да се менува заради мене, иако имало и невистини, завист, љубомора, опструкции. Едноставно сум сфатила дека никој ништо не може да ти земе, светлината на душата не се гаси, добрината и убавиот збор упатен кон другиот истовремено се упатени и кон самиот себеси. На негативностите не им давам простор, се трудам да ги дефокусирам, никому не му се потребни. Тоа сум јас и така живеам.

Вашиот живот поубав и побогат го прават вашите две деца, синот Дарко и ќерката Дарија. Дали од вас ја наследија љубовта кон музиката или чекорат по својот пат?
– Мојот живот не бил комплетен ако моите две деца, секојдневно, не го украсуваат со најубави бои. Тие во наследство го добија музичкиот ген, но ниеден од нив не тргна по патот на музиката. Секогаш сум им давала простор да се пронајдат, да знаат кои се и што сакаат, да се остварат во тоа што најмногу го сакаат. Дарко работи во областа на менаџментот, а Дарија е студентка на одделот за молекуларна биологија и генетика. Сакам да се образовани и успешни, но, на крајот, единствено нешто што вистински го посакувам за нив како мајка е да бидат среќни. Тоа ќе им биде најголемото достигнување во животот.