Норвешка гради музеј во облик на опашка од кит

88

Данското архитектонско студио „Дорте Мандруп Атхитектер Р/С“ го дизајнирало новиот музеј и едукативен центар во Норвешка, што со својот облик ќе наликува на опашка од кит. Тој истовремено ќе им служи на туристите како отворена платформа за набљудување китови.

Едукативниот центар наречен „Кит“ кој воедно ќе биде и музеј е сместен на островот Андеја, околу 300 километри северно од Арктичкиот Круг. Островот Андеја е совршено место за набљудување китови, бидејќи таа област е длабок морски кањон што им овозможува на овие животни да се хранат.

Првично музејот требало да се отвори во 2022 година, но откако изведувачите на градежните работи откриле дека локацијата е на местото на кое се наоѓаат артефакти од ерата на викинзите, изградбата привремено запрела, пренесува „Инсајдер“. Поради тоа се планира музејот да се отвори во 2023 година.

Од студиото „Дорте Мандруп“ велат дека нивната визија била да креираат место кое ќе се претопи во пејзажот.

– Заоблената структура ќе потсетува на огромна карпа која расте од пејзажот. Зградата е поетска посвета на нејзиното окружување, каде што пејзажот под и над водата е како една континуирана кожа – вели Дорте Мандруп основач и креативен директор на данското архитектонско студио.

Во нормални околности, околу 50.000 туристи годишно доаѓаат на островот Андеја за да набљудуваат китови.