Во Чешка за 48 часа ќе биде изградена 3Д испечатена лебдечка куќа

142

Наречен „Првок“, овој дизајн, покрај тоа што е прва 3Д испечатена куќа во Чешка, може и да лебди над вода. Може да биде изградена во рок од 48 часа, заштедува до 50 отсто од сите трошоци за градење и, дополнително, значително ги намалува емисиите на јаглерод диоксид и отпад. Наедно, домот е опремен со екотехнологии, што значи дека е делумно самоодржлив.

Како кокреација на скулпторот Михал Трпак и градежното здружение „Ставебни спорителна Чешке спорителни“, „Првок“ е 3Д испечатена лебдечка куќа во Чешка, но е исто така погодна за живеење во село или во град. Во своите 43 квадратни метри, куќата вклучува три соби: бања со тоалет, дневна соба со кујна и спална соба. Домот е делумно самоодржлив, опремен со екотехнологии, туш со повторлива циркулација, зелен покрив, како и со резервоари за вода за пиење, комунални услуги и канализација.

Изградена седум пати побрзо од конвенционалните куќи – всушност со брзина од 15 см во секунда, домот е 3Д испечатен со помош на роботската рака „Скулпт“. Ова не само што гарантира неколкупати помалку градежен отпад туку процесот создава и до 20 отсто помалку емисии на јаглерод диоксид. Специјално развиената бетонска мешавина, збогатена со нанополипропиленски влакна, пластификатори и забрзувач за зацврстување, се користи за создавање на структурата за помалку од два дена. Откако ќе биде испечатена во јуни 2020 година, целиот проект ќе биде завршен за два месеци.

– Во иднина, сопствениците би можеле да ја уништат зградата и повторно да ја отпечатат со истиот материјал директно на локацијата – вели Михал Трпак, посочувајќи на нејзината долговечност.